Започнувајќи од февруари 2022 година, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА ја преструктуираше својата програма за работа во дневните центри која беше усогласена на работилница за „Практични активности за унапредување на вештините за самостојно живеење на корисниците на дневните центри и социјалните клубови на РЦПЛИП – ПОРАКА“. Преструктуирањето на програмите за работа во сервисните служби произлезе од потребата да се стави поголем акцент околу развивањето и задржувањето на практичните вештини и вештините за самостоен живот на корисниците. Зајакнувањето на практичните вештини е особено важно за корисниците кои во изминатиот период останаа без своите родители, со цел да се овозможи нивно постамостојно функционирање во својот дом, со поддршка од поширокото семејство. Исто така, кај дел од корисниците на сервисните служби, како последица од пандемијата и останувањето дома, се воочува уназадување во практичните вештини.
Како дел од програмските активности насочени кон стручно методолошка поддршка за унапредување на работата во своите сервисни служби за лица со интелектуална попреченост, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА организираше и одржа еднодневна работилница на 19.5.2023 година. Работилницата беше наменета за евалуација на работата на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА со сите вработени лица во дневните центри и се одржа во просториите на РЦПЛИП – ПОРАКА. За време на работилницата, тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, како и вработените лица, меѓусебно даваа предлози за подобрување на содржинските аспекти во функционирањето на дневните центри. Истовремено, се укажуваше и на потешкотиите во работата и заеднички се бараа можни решенија.
Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи континуирано да дава поддршка на персоналот за успешно планирање и реализирање на програмите за работа во мрежата на сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА.