Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА

Работилница за евалуација на програмата за работа во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, изминатиов период, работеше на преструктуирање на својата програма за работа во дневните центри. Преструктуирањето на програмите за работа со социјалните сервисни служби произлезе од потребата да се стави поголем акцент околу развивањето и задржувањето на практичните вештини и вештините за самостоен живот на корисниците.

Зајакнувањето на практичните вештини е особено важно за корисниците кои во изминатиот период останаа без своите родители, со цел да се овозможи нивно посамостојно функционирање во својот дом, со поддршка од поширокото семејство. Исто така, кај дел од корисниците на сервисните служби, како последица од пандемијата и останувањето дома, се воочува уназадување во практичните вештини.

Во рамките на постојаното унапредување на работата на своите сервисни служби за лица со интелектуална попреченост, а истовремено и како дел од програмските активности насочени кон стручно методолошка поддршка, РЦПЛИП – ПОРАКА организираше и одржа еднодневна работилница за евалуација и унапредување на работата на своите дневни центри на 4.10.2025 година. На работилницата учествуваа сите вработени лица во дневните центри и се одржа во просториите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип. За време на работилницата се направи преглед на постигнатите резултати од воведувањето на преструктурираните програми за работа во дневните центри. Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, како и вработените лица меѓусебно, даваа предлози за подобрување и унапредување на содржинските аспекти во функционирањето на дневните центри. Истовремено, се укажуваше и на потешкотиите во работата и заеднички се бараа можни решенија.

Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи континуирано да дава поддршка на персоналот за успешно планирање и реализирање на програмите за работа во мрежата на сервисни служби на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.

Scroll to Top
Skip to content