Зајакнувањето на капацитетите и програмските активности на своите социјални сервисни служби – дневни центри за лица со интелектуална попреченост над 18 годишна возраст претставува една од приоритетните области на делување на РЦПЛИП – ПОРАКА. Во таа насока, РЦПЛИП – ПОРАКА постојано работи на унапредување и преструктурирање на својата програма за работа во дневните центри, следејќи ги современите практики, прилагодени на потребите на корисниците и нивните семејства.
Преструктуирањето на програмите за работа во социјалните сервисни служби произлезе од потребата да се стави поголем акцент на развивањето и задржувањето на практичните вештини и вештините за самостоен живот кај корисниците. Зајакнувањето на практичните вештини е особено важно за корисниците кои во изминатиот период останаа без своите родители, со цел да се овозможи нивно посамостојно функционирање во својот дом, со поддршка од поширокото семејство. Воедно, кај дел од корисниците на сервисните служби беше забележано и назадување во практичните вештини како последица од пандемијата и подолгото останувањето дома.
Како дел од програмските активности за стручно-методолошка поддршка и континуирано унапредување на работата на своите социјални сервисни служби, РЦПЛИП – ПОРАКА организираше и одржа еднодневна работилница за евалуација и унапредување на работата на дневните центри. Работилницата се одржа на 6-ти јуни 2026 година во просториите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш, а учествуваа сите вработени лица во мрежата на дневни центри на РЦПЛИП -ПОРАКА.
За време на работилницата се направи преглед на резултатите постигнати со воведувањето на преструктуираните програми за работа во дневните центри. Преку активни дискусии, учесниците разменија искуства и ги споделија предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење. Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, а и сите останати, даваа предлози за подобрување и унапредување на содржините и методите во функционирањето на дневните центри. Особено внимание беше посветено на изнаоѓање практични решенија за подобрување на поддршката што им се обезбедува на корисниците во дневните центри и нивните семејства.
Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА ќе продолжи континуирано да дава поддршка на персоналот за успешно планирање и реализирање на програмите за работа во својата мрежа на сервисни служби.