Една од редовните програмски активности на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, од самото негово формирање, е координација и пружање на стручно-методолошка поддршка на локалните организации.
Години наназад РЦПЛИП – ПОРАКА организира и одржува работилници на кои се разгледуваат и дискутираат изготвените SWOT анализи на локалните организации. SWOT анализата е структуриран метод за планирање на идните стратегии на организацијата, а воедно е мошне корисна и за проценување на актуелната состојба внатре во организацијата, со сите нејзини предности и слаби страни, но и можностите и заканите кои доаѓаат од опкружувањето во кое таа организација делува. Оваа алатка, доколку реално и објективно се изготви, ќе користи за изнаоѓање на начини и модуси за подобрување и надминување на слабите страни на организацијата со цел уште поефективно да делува во својата област. Исто така, претставува солидна основа за подготвување на реални и ефективни акциони планови на организацијата, како и на повеќегодишни стратешки планови.
Оваа година Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА одржа работилница за разгледување на SWOT анализите и тековното оперативно работење на локалните организации. На овие работилници им претходеа состаноци на управните одбори во проширен состав на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА на кои се дискутирало за актуелните состојби во самите организации, и врз основа на донесените заклучоци се изготвиле и SWOT анализите.
Работилницата која ја спроведе РЦПЛИП – ПОРАКА се одржа од 20-ти до 22-ри мај 2016 година во хотел Романтик, Велес на која учествуваа по двајца претставници од локалните организации. Првиот ден од работилницата се презентираа реализираните активности во рамки на проектот „Кон европски вредности – лицата со попреченост како еднакви граѓани“ во кој РЦПЛИП – ПОРАКА е партнер организација. Претставниците на РЦПЛИП – ПОРАКА кои зедоа учество во проектните активности, поточно работилниците организирани во рамките на проектот ги пренесоа стекнатите искуства од размената на информации и знаења со останатите партнери во проектот. Темите на кој се разговараше беа следните:
– Самозастапување за лица со попреченост;
– Волонтерството како начин на инклузија на лицата со попреченост;
– Врсничка поддршка и имплементација на услуги за лица со попреченост;
– Програма за работно ангажирање за лицата со попреченост.
Вториот ден од работилницата беше целосно посветен на разгледување на SWOT анализите од локалните организации. Секој од учесниците имаше можност да ја презентира изготвената SWOT анализа и да ги прикаже реалните состојби во организацијата и во општината со кои таа се соочува, но истовремено и потешкотиите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во нивното опкружување. Понатаму, учесниците ги презентираа и активностите кои во моментот се актуелни во нивните организации, како и активностите кои планираат да ги преземат во наредниот период, а водат кон унапредување на квалитетот на живеење за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, но и останатите учесници, по завршувањето на секоја презентација даваа забелешки и совети во однос на работењето на секоја од локалните организации, притоа истакнувајќи ги и позитивните примери на успешно работење.
Третиот ден од работилницата беше посветен на оперативното работење на локалните организации. Учесниците имаа можност повторно да се запознаат со начините на кои се планираат, подготвуваат и изработуваат програмите за работа и финансовите планови за успешно реализирање на целите и задачите на една организација, како и начините на кои се изготвуваат извештаите за работа и финансиските извештаи по завршувањето на тековната година.
Како последна предвидена активност во текот на работилницата беше презентацијата на реализираните активности во рамки на проектот „Рана инклузија преку взаемно учење“, проект во кој РЦПЛИП – ПОРАКА е рамноправен партнер, се спроведува на европско ниво. Презентацијата имаше за цел да ги запознае учесниците со веќе спроведените активности во рамките на овој проект, но и активностите кои понатаму ќе следат.
Работилницата за SWOT анализи и оперативно работење има за цел консолидирање и унапредување на активностите и делувањето на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА. Тоа е од особено значење во градењето и одржувањето на партнерските односи со локалните власти, како би можеле активно да придонесуваат за унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во местото на живеење и подобрувањето на квалитетот на нивното живеење.