Придонесот на граѓанскиот сектор во промовирањето и градењето на демократска култура и социјална кохезија на сите општествени нивоа ја поттикнува потребата од соработка меѓу него и Владата на Република Македонија. Нивното взаемно дејствување може значително да придонесе во развивањето на бројни области во општеството, со цел ефикасно да се одговори на предизвиците и тековните проблеми во земјата.
Свесна за важноста на демократскиот израз, ефикасноста и умешноста на граѓанските организации, Владата ја носи оваа стратегија за соработка со граѓанскиот сектор. Во неа таа ги внесува основите на нејзината соработка со граѓанските организации, а преку чинот на донесување на овој документ таа се зазема систематски да ги зајакне основните услови за побрз и поефикасен развој на овој сектор.
Овој документ се носи со цел да се обезбеди конкретна институционална обврска за идно негување сеопфатни и поквалитетни односи меѓу државата и граѓанскиот сектор во функција на целокупниот иден прогрес на македонското општество.
Стратегијата нуди и обезбедува рамка, механизми и политики кои ќе:
- ја зацврстат и унапредат соработката на Владата со здруженијата на граѓани и фондациите, преку градење на сопствена култура на соработка со граѓанскиот сектор;
- ја оспособат државната администрација преку конкретни насоки да ја препознае улогата на граѓанскиот сектор и да развива партнерство со него;
- овозможат поголема вклученост и влијание на граѓаните преку нивните здруженија и фондации при институционалното одлучување на централно ниво и креирањето на политиките преку користењето на нивните искуства во донесувањето на одлуките;
- ги подобрат условите за понатамошно јакнење и развој на здруженијата на граѓани и фондации преку креирање поволно нормативно и системско-институционално опкружување;
- ги подобрат системските услови за обезбедување одржлив развој на граѓанскиот сектор;
- создадат нормативни и институционални претпоставки за реализација на стандардите на Европската Унија во оваа област;
- го подобрат пристапот до информациите од јавен карактер;
го земат предвид достигнатиот степен на развој на граѓанскиот сектор во Република Македонија, како и политиките, меѓународните документи и стратегии, споредбените искуства и најдобрите практики од европските земји при идно осмислување на домашните приоритети.
Оваа стратегија е од среднорочен карактер, што значи дека задача е планираните цели да се реализираат во наредниот петгодишен период (2007 – 2011). Како активни актери, кои директно ќе се залагаат за реализација на прокламираните принципи и задачи наведени во овој стратешки документ, се сметаат: Одделението за соработка со невладините организации при Генералниот секретаријат на Владата, ресорните министерства и органи во состав според областа на дејствување и граѓанските организации.
Стратегијата има обврзувачки карактер за Владата и органите на државната управа, но оваа стратегија не е во состојба да наметне обврзувачко дејствување и соработка на локалната самоуправа и деловниот сектор со граѓанскиот сектор. Сепак, се очекува дека амбиентот и условите, кои развојно-квалитетно ќе се унапредат меѓу горенаведените основни актери на Стратегијата, на посреден начин ќе предизвикаат и поголемо мотивирање за учество и на другите општествени сегменти, без кои целокупниот развој би бил парцијален и ограничен. Овој Владин документ треба да се практикува и применува од сите субјекти кои се дел од ваквите партнерски односи.
Во соработката на Владата со граѓанскиот сектор Владата ќе ги почитува принципите на взаемна доверба, партнерство, учество и консултации, транспарентност и независност и одговорност.
СТРАТЕШКИ ЦЕЛИ
Со стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор, преку меѓусебно поврзани стратешки цели кои ја поддржуваат соработката и развојот на граѓанскиот сектор, ќе се дефинираат насоките за:
- Надградување на правната рамка;
- Учество на граѓанскиот сектор во креирањето на политиките;
- Остварување меѓуинституционална соработка;
- Остварување меѓусекторска соработка;
- Вклученост на граѓанскиот сектор во процесот на интеграција во Европската Унија;
- Создавање поповолни услови за финансиска одржливост на граѓанскиот сектор;
- Постојан развој на граѓанскиот сектор.
Надградување на правната рамка
Владата има за цел да предложи надградба на правната рамка која се однесува на граѓанските организации во Република Македонија за да се обезбедат подобри услови за основање и функционирање на граѓанските организации и да се усогласи со најдобрите европски практики и прописи. Владата ќе ја зајакне улогата на граѓанските организации кои вршат активности од јавен интерес и ќе создаде основа за нивна одржливост. За оваа цел, Владата ќе воведе посебен статус за овие организации преку кој ќе се создаде основа за давање даночни бенефиции и други видови поддршка од страна на државата преку објективен, одговорен и транспарентен механизам.
Учество на граѓанскиот сектор во креирање на политиките
Владата има за цел да развие систем на основни начела за вклучување на граѓаните и нивните организации во процесите на донесување одлуки. Преку овој систем, граѓанските организации ќе учествуваат во донесување одлуки и подготовка на државни акти преку учество во јавни дискусии и поднесување мислења и ќе бидат вклучени во меѓусекторски работни групи и владини советодавни тела.
Остварување меѓуинституционална соработка
За оваа цел, мерките се насочени кон зацврстување на улогата на Одделението за соработка со невладините организации со тоа што поефикасно ќе ги спроведува своите активности и ќе ја координира и унапредува соработката не само помеѓу Владата и граѓанските организации, туку и меѓу другите органи на државната управа.
Остварување меѓусекторска соработка
Владата ќе промовира активна соработка меѓу граѓанските организации и владиниот сектор на централно и на локално ниво. Владата ќе се заложи да развива различни видови на соработка и ќе бидат промовирани и спроведени долгорочни стратегии во дадена област, проекти за одредена цел и други активности кои се од значење за заедницата. Владата ќе воведе и ефикасен инструмент за подобрување на јавните услуги и борбата против бирократијата и корупцијата – граѓански дневник. Граѓаните и граѓанските организации ќе имаат можност да ја оценуваат работата на различни државни институции на три месеци преку пополнување едноставни формулари. Збирните резултати ќе бидат разгледувани од страна на Владата, која ќе предложи мерки за институциите во кои не се подобруваат состојбите.
Вклученост на граѓанскиот сектор во процесот на интеграција во Европската Унија
Владата има за цел да ја поддржи и зголеми улогата и учеството на граѓанските организации во процесот на интеграција во Европската Унија. Владата ќе воведе механизми со кои ќе се воспостават гаранции за вклучување на граѓанскиот сектор преку негово консултирање во подготовката, усогласувањето, спроведувањето, следењето и оценката на политичките и правните мерки, а особено во процесот на развивање национални развојни планови, оперативни програми и други стратешки документи. Согласно Кампањата за информирање на јавноста за процесот на европска интеграција и инструментот за претпристапна помош (ИПА), Владата ќе преземе низа активности со кои ќе ги запознае граѓанските организации со можностите за искористување на ИПА. На тој начин, граѓанските организации активно ќе придонесуваат со својот капацитет, искуства, експертиза и средства во подготовка и спроведување на стратешките документи.
Создавање услови за финансиска одржливост
Владата ќе предложи подобрување на рамката за финансирање на граѓанските организации за да ги зацврсти основите за поддршка на граѓанските организации од домашни јавни и приватни извори (од буџетот, министерствата, лотарии и други постоечки механизми), креирање поволна политика за индиректно финансирање, воведување бенефиции од данок на добивка, ДДВ, имот итн. и стимулирање на развојот на филантропијата, социјалната одговорност и волонтерството). Со тоа, граѓанските организации ќе имаат зголемени можности за пристап до средства од домашни извори за остварување активности од јавен интерес, додека приватните лица и граѓаните ќе бидат стимулирани поактивно да се вклучат во решавање на прашањата што се приоритетни во нивните заедници.
Владата исто така ќе предложи подобрување на законските услови за финансиско работење на граѓанските организации со што ќе помогне кон професионализација и отчетност во работата на организациите. Владата ќе предложи правна рамка граѓанските организации директно да вршат стопански дејности и во таа насока ќе предложи да се воведат ослободувања или намалувања од данокот на добивка за граѓанските организации, со што тие ќе имаат поголема можност да ги користат средствата од стопански дејности и други извори на самофинансирање. Владата ќе предложи воведување и други даночни бенефиции со што граѓанските организации ќе имаат поголема финансиска поддршка за спроведување на своите услуги и активности од јавен интерес. За да се постигнат овие цели, Владата, меѓу другото, ќе се заложи, во определените рокови, да се подготви и донесе нова одлука за начинот и критериумите за распределба на средствата од буџетски извори, како и да се измени Законот за игрите на среќа и забавните игри и донесе акти за распределба.
Постојан развој на граѓанскиот сектор
Владата има за цел да го поддржи развојот на капацитетите во граѓанските организации на национално и на локално ниво, особено во руралните средини. На тој начин ќе помогне граѓанскиот сектор да го зголеми својот придонес во развојот на заедницата и исполнување на потребите на граѓаните.
Владата преку медиумите ќе ја промовира соработката со граѓанските организации и ќе ги истакнува резултатите од заеднички имплементираните проекти.
СПРОВЕДУВАЊЕ, СЛЕДЕЊЕ И РЕВИЗИЈА
Одделението за соработка со невладините организации и Генералниот секретаријат на Владата ја имаат примарната улога во координирање и спроведување на Стратегијата. Истите се надлежни за периодична оценка и известување за начинот на спроведување на Стратегијата.
Истовремено, Генералниот секретаријат и Одделението за соработка со невладините организации ќе се координираат со различни министерства и други органи на државната управа одговорни за спроведување на конкретните мерки во Стратегијата, за да се обезбеди времено планирање и спроведување на активностите.