Со тековната реформа на децентрализација, локалните власти добија многу одговорна улога во процесот на унапредување на состојбата во која се наоѓаат ранливите групи на граѓани, вклучувајќи ги лицата со попреченост. Одлуките кои ги донесуваат локалните самоуправи влијаат врз секојдневниот живот на лицата со попреченост. Поради тоа, од големо значење е локалните власти, при планирањето на политиките и донесувањето на одлуките да ги вклучуваат и аспектите на попреченоста, т.е. како секоја одлука ќе влијае врз животот на лицата со попреченост. Воспоставуањето на блиска соработка помеѓу локалните власти и организациите на лицата со попреченост е основен предуслов за ефективно креирање на инклузивна локална политика во однос на лицата со попреченост.
Имајќи го ова во предвид, РЦПЛИП – ПОРАКА, почнувајќи од 15-ти Септември 2009 година, започна со реализација на конкретна акција за развивање на локални акциони планови за попреченост во три пилот – општини во Република Македонија: Охрид, Куманово и Виница.
Локалните акциони планови за попреченост претставуваат инструменти за развој и за имплементирање на конкретни чекори за унапредување на состојбата на лицата со попреченост. Тие се стратешки документи кои се составени од идентификувани потреби на локално ниво, од цели и приоритети кои се прифатени од страна на локалните власти и од организациите на лицата со попреченост. Локалните акциони планови се насочени кон унапредување на квалитетот на животот на лицата со попреченост, опфаќаат прашања кои се од најголемо значење за лицата со попреченост и предлагаат акции кои се во согласност со ресурсите на локалната заедница.
Предвидените активности опфаќаат креирање и обука на работни групи кои ќе го изготвуваат локалниот акционен план во секоја од трите општини, при што ќе се запази партиципативниот пристап, односно работните групи ќе бидат составени од претставници на сите чинители на локално ниво (организации на лица со попреченост, локални власти, јавни институции од областа на социјална заштита, здравство и образование, како и медиуми, бизнис сектор, НВО сектор). Обуката на работните групи ќе биде реализирана преку 3 семинари во секоја општина поединечно. Самиот процес на разработување на локалните акциони планови ќе се одвива преку 3 работилници. Предвидено е изготвените локални акциони планови, како стратешки документи за развој на општината, да бидат усвоени од страна на советите на општините, а потоа да бидат испечатени и презентирани на локално и национално ниво.
Во досегашниот тек на програмата, реализирана е првата фаза, односно одржани се поединечни прелиминарни состаноци со г-дин Зоран Дамјановски – Градоначлник на општина Куманово, со г-дин Емил Дончев – Градоначалник на општина Виница и г-дин Александар Петрески – Градоначалник на општина Охрид. Исто така, оформени се трите работни групи кои ќе работат на креирање на локалните акциони планови во трите општини, а потпишани се Меморандуми за соработка во реализацијата на целата програма со трите општини и вклучените локални институции и организации на лица со попреченост.
РЦПЛИП – ПОРАКА ги спроведува активностите за креирање на локални акциони планови во партнерство со Хендикеп Интернационал – Југоисточна Европа, а со поддршка од Програмата за мали грантови на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија.