По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ЕАСПД – Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост и ЕНИЛ, Европска мрежа за самостојно живеење, одлучија да говорат за последиците од мерките за штедење наметнати врз социјалните сервисни служби за лицата со попреченост. Отворено писмо беше испратено до европските лидери кои се сретнаа оваа недела во Брисел да разговараат за попреченоста и сиромаштијата на две одделни конференции на високо ниво со клучни креатори на политики и претставници на граѓанското општество.
Отворено писмо до: Брисел, 30ти ноември 2012 година
Herman Achille van Rompuy, Претседател на Европскиот совет
Jose Manuel Durгo Barroso, Претседател на Европската комисија
Martin Schulz, Претседател Европски парламент
Предмет: Инвестирање во социјални сервисни служби за повторна изградба на социјална Европа
Драги претседатели,
Финансиската и економската криза, која започна во 2008 година, сега стана и многу сериозна социјална криза. Политичките одговори немаат јасна и посветена димензија во социјалната политика и во политиката за вработување. Годишниот преглед за раст за 2012 година и Заедничкиот извештај за вработување покажува дека фискалната консолидација е се уште приоритет додека социјалните цели и целите за вработување во Европската стратегија 2020 не се доволно опфатени.
Спроведените истражувања и собраните статистички податоци во изминатите четири години покажуваат дека ранливите лица и сервисните служби кои им даваат поддршка се несразмерно повредени поради сето ова. Особено, социјалните сервисни служби за лица со попреченост низ цела ЕУ се погодени на голем број начини:
- Директни кратења во буџетите наменети за социјални сервисни служби;
- Затварање или несоодветно спојување на сервисни служби;
- Намалување на персонал, влошување на платата и условите за работа;
- Намалување на долгорочната одржливост;
- Кратења во поддршката за самостојно живеење и одложувања на развојните и иновативните програми;
- Негативни последици врз инклузивното образование;
- Намалување на поддршката и сервисните служби за вработување;
- Построги критериуми за квалификување.
Сето ова има негативно влијание врз расположливоста, достапноста и пристапноста на сервисните служби кои ги поддржуваат лицата со попреченост низ цела Европа и врз нивниот квалитет и одржливост, со многу пријавени случаи на целосно или делумно затворање на социјалните сервисни служби, како што јасно покажуваат истражувањата на ЕАСПД.
Условите за работа на персоналот во секторот, во многу случаи веќе критично, се влошуваат поради намалувањата на работните места и намалувања на платите. Ова е јасна последица од ограничените финансирања на сервисните служби, бидејќи околу 80% од трошоците за водење на сервисна служба отпаѓаат на човековите ресурси. Ова не само што има директно негативно влијание врз квалитетот на сервисните служби, туку претставува и пропуштена можност во однос на обезбедувањето на излез од кризата. Зголемената побарувачка за социјални сервисни служби – поврзано со зголемениот број на лица кои имаат потреба од нив – може да создаде економски раст и вработување, но за тоа треба инвестиции, а не намалувања.
Намалувањето во јавната поддршка ги тера лицата со попреченост и нивните згрижувачи, во многу ЕУ земји, самите да плаќаат поголем дел од трошоците за сервисните служби, и да надоместуваат за недостигот од сервисни служби со тоа што ќе се потпираат на неформални и семејни згрижувачи, што покренува сериозни прашања околу еднаквоста.
Обезбедувачите на сервисни служби се во голема мера приморани да обезбедуваат постандардизирани и безлични сервисни служби како последица од кризата, се зголемува конкуренцијата за ограничените средства, барањата за тендерите се позатегнати и се бараат нереални резултати од сервисните служби за помалку пари. Тоа ги намалува сервисните служби ориентирани кон лицето и води кон намалување на иновативните и сервисни служби во местото на живеење, кои се често први на удар за кратења, и покрај обврските согласно член 19 од Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост кои се потврдени и во Европската стратегија за попреченост.
Од вас бараме итно да ги разгледате политичките и финансиските избори кои се направени досега и да промовирате инвестиции во социјалната инклузија и кохезија за да се осигура дека ќе се исполнат целите на ЕУ2020 за намалување на сиромаштијата, за подобрување на вработувањето и образованието.
Инвестирањето во социјални сервисни служби не само што има социјална смисла, туку има и економска смисла: социјалните сервисни служби како економски сектор многу побрзо се развиваа отколку други сектори на економијата во периодот 2000-2009, и генерираа околу 5% од вкупниот економски ефект на Унијата. Тие имаат потенцијал, во исполнување на растечките потреби, да играат значајна улога во економското опоравување.
Концептот на Social Return on Investment развиен во САД во 1990-тите, користен е и во Европските земји за да се мери економскиот ефект од социјалните сервисни служби и претпријатија. Тие покажуваат дека непрофитните организации кои ги поддржуваат лицата со попреченост можат, преку нивните активности, да креираат штедење на трошоците, а и профит за јавното кесе. Тоа, исто така, има позитивни исходи за идните носители на одлуки бидејќи позитивните промени во ситуацијата на корисниците на сервисни служби, организациските структури и процеси ќе има позитивни и долгорочни резултати.
Во време на смалување на ресурсите кога јавните пари треба да се трошат особено внимателно, многу позначајно е да се осигура дека секое евро е важно и дека се користи за да и служи на заедницата на најдобар можен начин. Иновативните социјални сервисни служби помагаат ова да се обезбеди. Истражувањата покажуваат дека финансирањето на сервисните служби кои ги поддржуваат лицата во местото на живеење прават многу повеќе отколку финансирањето кое се користело за да се сместуваат лицата во големи, институционализирани средини. Интервенирањето директно во рамките на заедницата дури и пред да се јави потреба од институционална грижа (како што е случај со децата) е многу повеќе ориентирано кон правата на лицата, е проактивен, корисен и економски исплатлив пристап кон социјалната криза со која се соочуваме.
ЕУ не е само економски проект туку и социјален, кој ги става луѓето во центарот на своите загрижености – како што е наведено во член 3 од Договорот за Европска унија и во Европската стратегија 2020. Шефовите на држави и влади, како и на европските институции, се посветени на постигнувањето јасни цели во однос на намалување на сиромаштијата, поголема стапка на вработеност и образовни нивоа, а со тоа и поголема инклузија. ЕАСПД, Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост и ЕНИЛ, Европска мрежа за самостојно живеење, ја повикуваат ЕУ да промовира политики кои ќе имаат јасно влијание врз исполнувањето на овие цели.
Помогнете на секторот за социјална грижа за да му се помогне на општеството: ги повикуваме европските институции да промовираат расположливост, пристапност и достапност со цени на сервисните служби преку инвестирање во секторот и осигурување на неговата привлечност како остварлива опција за кариера преку поттикнување на соодветна рамка за доживотно учење, добри услови за работа и извонредност во механизмите на социјален дијалог.
Понатаму, ги повикуваме Европските институции да го стават квалитетот во суштината на социјалните сервисни служби од општ интерес. Сектор кој бара социјален бенефит не треба да делува според истите правила како и претпријатијата кои бараат финансиски профит. Оваа специфичност треба да се признае и да се почитува. Сервисните служби ги поддржуваат и ги зајакнуваат лицата со попреченост. Тие ги придружуваат корисниците на сервисни служби преку едукација и учење, кон вработување; тие го поплочуваат патот нанапред кон инклузија во општеството и конкретно придонесуваат за намалување на притисокот врз шемите за социјална заштита, а со тоа учествуваат во зајакнување на социјалната кохезија.
Овие економски аргументи кои ние ги наведовме мора да му служат на секому со цел да ги ужива своите човекови права и еднакви можности на еднаква основа со другите. ЕАСПД и ЕНИЛ сакаат повторно да ја потврдат основната улога на социјалните сервисни служби во овозможување лицата со попреченост, а особено оние со голема потреба за поддршка, да ги уживаат нивните основни права. Мерките за штедење во сферата на социјалната политика се закана за правата на лицата со попреченост и имаат негативни импликации врз нивниот квалитет на живеење. Тие, воедно, се во спротивност со преземените заложби од страна на Европската унија и од најголемиот број држави членки со ратификацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост и со Европската стратегија за попреченост 2010 – 2020.
Во таа насока, од пресудно значење е претстојните документи: политика за кохезија, регулативите за структуралните фондови и општата стратешка рамка за периодот 2014 – 2020 да ја вклучат обврската за заштита и промовирање на социјална политика и основни права за најнемоќните. “Пакетот за социјално инвестирање” предвиден за почетокот на 2013 година мора да биде заснован на човекови права и да има долгорочна перспектива во признавање дека инвестирањето во сервисни служби е потребно со цел да се постигне поеднакво и во подем општество.
Не е предоцна да се промени насоката и да се осигура дека најнемоќните нема да платат за оваа криза!
Повеќе информации се достапни на www.easpd.eu