Истражување за состојбите во Република Македонија во однос на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост
Како посебен дел од програмските активности насочени кон остварување на човековите права преку унапредување на законските можности, РЦПЛИП – ПОРАКА започна со спроведувањето на истражување и анализа за состојбите во Република Македонија во однос на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.
Дизајнот на методолгијата на истражувањето е заснован на квалитативни и квантитативни методи за прибирање на потребните податоци:
- Податоци за законодавството во Република Македонија, обезбедени преку анализа на законските акти, со цел за селективно прикажување на правата на лицата со интелектуална попреченост, споредено со одредбите од Конвенцијата.
- Податоци од официјално и неофицијално промовираните документи кои се однесуваат на проблематиката на интелектуалната попреченост во Република Македонија, добиени од ресорните министерства, Државниот завод за статистика и од други релевантни институции и организации.
- Интервјуа со фокусни групи составени од претставници на локални организации на РЦПЛИП – ПОРАКА, со цел да се разбере и да се процени состојбата во која живеат лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија од повеќе аспекти.
- Интервјуа со родители, лица со интелектуална попреченост кои имаат капацитет за комуникација (самозастапници) и членови на семејства, во локалните организации. Притоа, ќе се користи прашалник кој ќе биде подготвен според структурата на Конвенцијата.
Анализата на податоците од истражувањето ќе содржи приказ на реалните состојби и препораки за унапредување на истите. Истата ќе биде публикувана во форма на извештај и ќе се употребува како инструмент за лобирање пред институциите кои се одговорни за остварување и унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост. Извештајот ќе биде дистрибуиран и ќе биде промовиран пред сите релевантни фактори, со презентација на основните насоки и предлог-мерки за унапредување на законската регулатива и начинот на нејзината реализација.
Во декември 2013 година се навршуваат две години од ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Тоа значи дека Република Македонија е должна да изготви сеопфатен иницијален извештај за имплементацијата на Конвенцијата во првите две години од ратификацијата и истиот да го поднесе до Комитетот за правата на лицата со попреченост во Обединетите нации .
Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА активно ќе учествува во овој процес и ќе пружи поддршка на надлежните органи во изготвувањето на извештајот. Исто така, РЦПЛИП – ПОРАКА ќе ја искористи можноста да поднесе алтернативен извештај (“извештај во сенка”) со свои согледувања за напредокот во спроведувањето на обврските кои произлегуваат од Конвенцијата. Притоа, основа за тој извештај ќе бидат наодите од тековното истражување кое РЦПЛИП – ПОРАКА го спроведува во соработка со своите локални организации.