Партнерства на РЦПЛИП - ПОРАКА во европски проекти

Кон европски вредности: лицата со попреченост како еднакви граѓани

Во рамките на проектот „Кон европски вредности – лицата со попреченост како еднакви граѓани” се одржаа две проектни активности во изминатиов период. Првата активност се реализираше во периодот од 22 – 24 април 2016 година, а втората се спроведе во периодот 27 – 29 мај 2016 година.

Реализацијата на петтата проектна активност, работилница/обука под наслов “Програма за работно ангажирање на лицата со попреченост” во рамките на проектот “Кон европски вредности -– лицата со попреченост како рамноправни граѓани”, беше организирана во периодот од 22 – 24 април 2016 во Нови Сад.

Тридневната обука од областа на работното ангажирање на лицата со попреченост ги содржеше следните теми:
– Професионална рехабилитација и вработување на лицата со попреченост;
– Поддршка во вработувањето на лица со попреченост;
– Прилагодување на работното место и пристапност преку користење на асистивна технологија;
– Демонстрација на прилагоденото работно место;
– Програма за работно ангажирање – пример на добра практика од Училиштето со дом за ученици со оштетен слух и говор „11 мај” од Јагодина, Србија;
– Практична работа во пекара – Училиште со дом за ученици со оштетен слух и говор „11 мај”, Јагодина, Србија;
– Национални искуства во образованието и професионалното оспособување на лица со попреченост;
– Вработување на лица со попреченост – Покраинскиот секретаријат за стопанство, вработување и рамноправност на половите;
– Презентации на работниот центар ШОСО (земјоделски работилници, пример на меѓународна соработка, работилници за рециклирање на хартија;
– Национални искуства – општествено одговорно работење во процесот на поддршка за лицата со попреченост.

На обуката присуствуваа стручни работници и корисници, лица со попреченост, кои се партнери во спроведувањето на овој проект. Претставници на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост беа стручните лица од дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА, Виктор Боризовски и Кристина Далова, и корисниците Никола Огненовски и Жаклина Велковска.
Целокупната работа беше организирана по принципот на презентации, размена на практични искуства и работилници, како за корисниците така и за стручните работници, а воедно и работилници насочени посебно кон корисниците во склад со тематиката.
Целта на обуката беше запознавање со примери на добра практика во подобрување на можностите за вработување на лица со интелектуална попреченост, кои се често лишени од работна способност и исклучени од отворениот пазар на трудот. Програмата се заснова на пилотирана, тестирана и одобрена програма за работно ангажирање од страна на проектните партнери од Србија, а кој е акредитиран од страна на Републичкиот завод за социјална заштита.

Реализацијата на шестата проектна активност, со наслов „Дебата за социјалното претприемништво” беше организирана во периодот 27 – 29 мај 2016 во Охрид, Македонија. Организатор и домаќин на оваа проектна активност беше Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.

Тридневната обука од областа за развој на социјално претприемништво ги содржеше следните теми:
– Вовед во социјално претприемништво;
– Социјалното претприемништво во Србија и ЕУ, состојби, правни рамки и примери;
– Примери од практиката;
– Социјално претприемништво, искуства од Македонија;
– Развој на социјално претпријатие;
– Искуства преку разни примери.

Целокупната работа беше организирана по принцип на излагања на презентации и сликовит приказ на шеми и чекори во планирањето и реализацијата на производство на наменски производи со цел остварување на профит, но и социјалните мисии на овие претпријатија. Обуката поттикна и на дискусија за законската регулатива од оваа област и отвори многу идеи за развој на социјално претприемништво.
Целта на обуката беше запознавање и зајакнување на учесниците за развивање на социјалното претприемништво (со здружување и користење на одржливи бизнис модели) како можности за работно ангажирање и вработување на лица со попреченост и други маргинализирани категории.
Претставници на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА беа: Виолета Димоска, Генерален секретар; Василка Димоска, програмски менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА, Владо Крстовски, стручен соработник во РЦПЛИП – ПОРАКА, и Виктор Боризовски, стручен соработник во дневниот центар – ПОРАКА Аеродром.
Последниот ден од обуката воедно беше посветен и на договарање за следната проектна активност која треба да се реализира на почетокот од месец јули.

Проектот „Кон европски вредности – лицата со попреченост како рамноправни граѓани” трае една година и е финансиран од ЕУ преку програмата „Европа за граѓаните”.

Scroll to Top
Skip to content