Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје, во соработка со Репбуличкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, на 30.05.2017 (вторник) година во хотел Континентал – Скопје, го одржа Финалниот настан во циклусот на обуки во рамките на меѓународниот проект „Disability Leaders of Tomorrow“ на ЕАСПД – Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост.
Проектот „Disability Leaders of Tomorrow“ има за цел јакнење на капацитетите на обезбедувачите на сервисни служби за лица со попреченост во промовирањето и координирањето на реални и одржливи промени во обезбедувањето на сервисни служби во 15 земји од Југоисточна Европа.
Во Македонија, во циклусот на обуки учествуваа кандидати од 15 различни организации – обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост, кои поминаа низ интензивен процес на обука со цел да се стекнат со соодветни знаења и искуства за новините, предизвиците и можностите за унапредување на состојбите во целокупниот процес на обезбедување на сервисни служби за поддршка на лица со попреченост.
Целта на финалниот настан беше да се презентираат стекнатите знаења и подготвените колективни задачи во рамките на модулите за учење, како и да се иницира дискусија за потребата од подобра соработка и вмрежување на обезбедувачите на сервисните служби во Македонија.
Работилницата ја спроведоа Др. Василка Димоска од РЦПЛИП – ПОРАКА (ментор во првата фаза на обука) и Владо Крстовски од ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје (кандидат во првата фаза и ментор во втората фаза на обука).
Проектот „Disability Leaders of Tomorrow“ е имплементиран од страна на ЕАСПД – Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост. Повеќе информации се достапни на www.easpd.eu и www.dlot.eu