РЦПЛИП – ПОРАКА, како членка на Националниот совет на инвалидски организации и заедно со своите локални организации, и во 2018 година работно го одбележи 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, согласно насоките од Обединетите нации.
По повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА, во соработка со членовите од Театар ПИ, актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска, организираше изведба на мултимедијалната театарската претстава „ОКСИГЕН” во која актери се лица со интелектуална попреченост, корисници на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Претставата се одигра на 08.12.2018 година во Мултимедијалниот центар „Мала Станица”. Претставата се организираше по повод 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост и претставува можност да се презентираат и да се истакнат можностите и потенцијалите на лицата со интелектуална попреченост. Тоа воедно придонесува и за директно влијание во разбивањето на предрасудите што постојано го следат овие лица.
Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА се вклучи во заедничкото одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост заедно со Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, како негова членка, Владата на Република Македонија и Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одржа во свечената сала на Владата на Република Македонија. Темата беше „Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост”. Обраќања имаа Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, Националниот координатор за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Спасе Додевски, шефот на делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар.
Свое обраќање на централното одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост имаше и претставникот на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија и претседател на РЦПЛИП – ПОРАКА, Чедомир Трајковски кој истакна дека поддршката едни на други е суштинска во создавањето еднакво општество за сите.
Исто така, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија, на кој учествуваше претставник на РЦПЛИП – ПОРАКА.
Плакета за ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица
Во рамките на своите активности за одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА додели плакета на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Струмица по повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Плакетата е доделена како израз на признание за постигнатиот организациски развој и успешно реализираните активности за остварување на правата на лицата со интелектуална попреченост на локално ниво.