Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, како матична организација на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во нашата држава, упатува барање за обезбедување подобра здравствена заштита за лица со интелектуална попреченост.
Тргнувајќи од смртниот случај на 19-годишната девојка со Даунов синдром во Битола (07.04.2021), РЦПЛИП – ПОРАКА побара Министерството за здравство и надлежните здравствени институции да преземат дополнителни итни мерки со кои ќе осигурат соодветна здравствена заштита во услови на пандемија со корона вирусот:
1. Приоритетно е да се обезбеди придружник при хоспитализација на лице со интелектуална попреченост, без ограничување на возраста, со цел успешно да се оствари потребната здравствена заштита. Ова е особено важно поради ограничената можност и потешкотии во комуникацијата кај лица со потежок степен на интелектуална попреченост.
2. Имајќи ја во предвид нарушената општа здравствена состојба и слабиот имунитет кај повеќето лица со интелектуална попреченост, а со оглед на последиците кои корона вирусот ги предизвикува, потребно е овие лица да добијат приоритет при остварување на здравствена заштита (прегледи, третмани, интервенции, лекарства и хоспитализација) во време на пандемија.
3. Во овој период кога е актуелна имунизацијата против КОВИД -19, потребно е вклучување на лицата со интелектуална попреченост како приоритетна група во масовната вакцинација на населението, на што задолжително треба да претходи детална анализа на здравствената состојба на лицата со интелектуална попреченост, а со тоа и избор на тип на вакцина.
Согласно Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, која Република Северна Македонија ја ратификуваше во 2011 година, државата е должна да обезбеди највисок достапен стандард на здравствена заштита без дискриминација врз основа на попреченост, да ги преземе сите соодветни мерки за да обезбедат пристап за лицата со попреченост до здравствени сервисни служби, и да осигура ист опсег, квалитет и стандард на бесплатна или достапна здравствена грижа и програми за лицата со попреченост, како што се обезбедени за другите лица.
Барањето беше официјално испратено до Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Народниот правобранител, Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и сите други релевантни институции, како и меѓународни организации кои делуваат во Република Северна Македонија.
За жал, официјален одговор на барањето се уште не е добиен, поради што РЦПЛИП – ПОРАКА продолжува да бара од Министерството за здравство и надлежните здравствени институции да преземат дополнителни итни мерки со кои ќе осигурат соодветна здравствена заштита во услови на пандемија со корона вирусот.