Центарот за изведувачки уметности и едукација Театар Пи реализира мултимедијална кампања со наслов „Чудата во Алиса“ во соработка со РЦПЛИП – ПОРАКА и неговите социјални сервисни служби во Скопје.
Во изминатиот период се реализираа работилници со дел од корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, како и со ученици со типичен и атипичен развој од основните училишта „Димитар Поп-Беровски“, „Мирче Ацев“, „Страшо Пинџур“ и „Јоаким Крчовски“. На овие работилници учениците изработуваа цртежи, скулптури, инсталации и фотографии со помош на дипломирани педагози по применета уметност.
На 10.12.2022 година беше поставена изложбата на инсталации, фотографии, лавиринт сензитивен перформанс, пропратена со концерт на амбиентална музика. Изложбата е поставена во Центарот за култура во Ѓорче Петров.
Како што велат од театар Пи, мултимедијалниот настан ја претставува борбата на „детето“ кое се бори да преживее во збунувачкиот свет на возрасните. За да го разбере светот на возрасните, Алиса мора да ја надмине слободоумноста што е карактеристична за децата. Очигледно, на возрасните им требаат правила за да живеат и очигледно на децата им треба една Алиса која ќе ја фатат за рака и заедно ќе преминат од другата страна на огледалото. Токму сите овие аспекти ќе бидат сублимирани во претставата „Чудата во Алиса“ чие прикажување се очекува на крајот на месец декември 2022 година. Инаку целата мултимедијална кампања за инклузија на лицата со интелектуална попреченост е поддржана од Министерството за култура на РСМ и Град Скопје.
Театар Пи гостуваше на ФАТ – Фестивал за авторски театар, кој се одржа во Софија – Бугарија во периодот од 16 до 18 декември 2022 година. Претставата „Ништо не е страшно“ во која играат и корисници на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, од кои дел и присуствуваа на фестивалот, освои две награди. Едната награда е за најдобра режија за Златко Митрески и Македонка Илиевска, а втората е за синергија за актерска игра.