Соработка со Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет – Скопје
Долгогодишната соработка на РЦПЛИП – ПОРАКА со Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје продолжува успешно да се реализира и во изминатиот период. Во рамките на предметот „Социјална работа со лица со попреченост“, студентите имаат можност за практична настава во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје.
Студентите беа вклучени во директни активности со корисниците во дневните центри, со цел детално да се запознаат со функцијата на дневните центри како важни социјални сервисни служби за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Истовремено, имаа можност да се запознаат и со улогата на социјалните работници во спроведувањето на програмските активности во овие сервисни служби.
Соработка со Асоцијација на студенти од Медицински факултет – Скопје
Оваа година, поточно од април 2023 година, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА оствари нова соработка која е многу значајна за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Соработка е воспоставена со Асоцијацијата на студенти од Медицински факултет – Скопје, која опфаќа заеднички активности насочени кон подигнување на свеста и подобрување на пристапот на идниот медицински кадар кон лицата со интелектуална попреченост.
Студентите, поделени во групи, реализираа неколку посети во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Тие имаа можност подобро да се запознаат со лицата со интелектуална попреченост и директно да учествуваат во активностите на овие дневни центри.