РЦПЛИП – ПОРАКА е оформен на 3-ти Јуни 1963 година, како Сојуз на друштва за помош на ментално ретардирани лица на Македонија. Во 1998 година го менува називот во Републички центар за помош на лица со ментален хендикеп – ПОРАКА, а во 2003 година го добива називот кој го носи до денес. Во 2023 година се навршуваат 60 години од делувањето на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.
Во изминатите 60 години, РЦПЛИП – ПОРАКА, како матична организација на лицата со интелектуална попреченост во нашата држава, е носител на бројни иницијативи чија цел е создавање на општество во кое сите лица со интелектуална попреченост и нивните семејства ќе имаат достоинствен живот.
Како мрежа од локални организации и сервисни служби низ целата држава, водена од посветени активисти, професионалци и родители на лица со интелектуална попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА придонесува во креирањето на сите позначајни закони, политики и програми, кои се однесуваат на човековите права на лицата со интелектуална попреченост и нивното остварување на национално и на локално ниво.
Големиот број на успешно реализирани редовни програмски задачи, посебни програми, проекти и оформени сервисни служби, говорат за функционирањето и делувањето на РЦПЛИП – ПОРАКА како важен чинител во процесот на изедначување на можностите на лицата со интелектуална попреченост. РЦПЛИП – ПОРАКА е еден од главните промотори и застапници на Конвенцијата на ОН за правата на лицата по попреченост во нашата држава.
Несомнено е дека развојниот пат од 6 децении и постигнувањата на РЦПЛИП – ПОРАКА се достојни за почит. Поради тоа, во 2023 година РЦПЛИП – ПОРАКА ќе преземе активности со кои соодветно ќе биде одбележан овој голем јубилеј. Целта на овие активности ќе биде да се афирмираат резултатите, како основа за понатамошна успешна работа, но истовремено ќе опфатат иницијативи за застапување и подобрување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост на национално и на локално ниво, како и акции за подигнување на јавната свеста.
Една од тие активности беше средбата со Претседателот на Република Северна Македонија, Н.Е. Стево Пендаровски. Средбата се реализираше на 1-ви јуни 2023 година, во рамките на активноста Отворен кабинет. Учесници на средбата беа претставници на РЦПЛИП – ПОРАКА, корисници на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА и нивните едукатори. Ним им беа претставени историски податоци за објектот, беа информирани за работата и надлежностите на претседателот Пендаровски, а ги посетија и просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби.
Претставувајќи го досегашното шестдецениско функционирање на РЦПЛИП – ПОРАКА, Чедомир Трајковски, Претседател, и д-р Василка Димоска Де Јонг, генерален секретар на РЦПЛИП – ПОРАКА, информираа дека низ годините се создала мрежа на локални организации низ целата држава чиишто активности се насочени кон подигнување на јавната свест во однос на потребите и правата на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства, како и унапредување на законските можности за остварување на нивните човекови права посветувајќи особено внимание на процесот на имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.
Изразувајќи ја својата поддршка за активностите на РЦПЛИП – ПОРАКА за поголема инклузија на лицата со интелектуална попреченост во општествениот и социјалниот живот, претседателот Пендаровски истакна дека нивната работа придонесува во создавањето на општество со еднакви можности за сите.