Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје
Активностите во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје изминатиов период непречено се реализираа согласно предвидената програма за работа. Редовно се реализираат активностите за развивање на когнитивните, социјалните и практичните вештини кај корисниците. На 13.06.2024 во дворот на ООУ „Киро Глигоров“ корисниците од дневниот центар во населбата Капиштец присуствуваа и беа дел од заедничкото дружење со хуманистот и уметник г-динот Живко Поповски – Цветин кој одржа поетско читање, цртање и изложба под мотото „Цветиново катче на мирот и хуманоста“. Во име на мирот и хуманоста тој на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во населбата Капиштец му подари пет слики со цвеќиња во различен дизајн кои се негов заштитен знак.
Во текот на летниот период активно се продолжи со градинарење во Зелената Арка – Бостание. Корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА активно беа вклучени во плевење и обработка на земјата, садење и расадување на градинарски култури. Дел од активностите во градината беа и грижа и нега на плодовите од претходно засадениот расад. Во дневните центри во рамки на практичните активности, пак, се подготвуваа оброци од разни зеленчуци набрани од градината.
Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип
Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип редовно се реализираат согласно предвидените програмски активности. Покрај овие секојдневни активности се реализираа и низа креативни работилници. Во текот на јуни се организираа работилници за изработка на фигури во калап од рециклиран материјал. Овие работилници дадоа можности за дел од корисниците да можат да го организираат своето слободно време во попладневните часови и викендите занимавајќи се со интересни активности и во својот дом. На почетокот од месец јули во соработка со Зегин – Штип се организираше и се спроведе преглед на корисниците на дневниот центар за ризик од остеопороза. Истовремено, корисниците добија и корисни совети за заштита и унапредување за личното здравје. Соработката со општинската организација на Црвениот крст во Штип продолжи и во изминатиот период. Во соработка со нив, дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип се вклучи во акцијата на Здружението на пензионери „Автокоманда“ и донираше гардероба за социјално ранливи категории. Кон крајот на август заедно со клубот на млади на општинската организација на Црвениот крст во Штип се реализираше креативна работилница. Преку меѓусебна дружба и во релаксирана и пријатна атмосфера, корисниците и волонтерите изработуваа оригами.
Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш
Во изминатиов период корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш продолжија со реализација на секојдневните програмски активности за усвојување на вештините за секојдневно живеење. Дел од тие активности беа насочени кон подготовки на зимница. Корисниците ги береа овошките кои ги одгледуваат во дворот, потоа ги чистеа и миеја за на крај соодветно да ги собираат во кеси за замрзнување и да ги редат во замрзнувачот. Овие плодови ќе ги користат за подготовка на топли напитоци во зимскиот период. Секојдневно се усвојуваа практични вештини за работа во кујна, односно, подготовка на едноставни оброци, топли напитоци и самостојно управување со електрични апарати. Редовно се спроведуваа и активности за одржување на дворното место и наводнување на садниците.
Поради топлото време и екстремно високите температури овој летен период не се реализираа социјални активности, нити се спроведоа активности со соработниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш.
Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп
Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп во изминатиов период редовно и непречено се реализираа според планираните програмски активности. Секојдневно во работа со корисниците се практикуваа разновидни активности со цел да се унапредат и усвојат различни можности и способности. Исто така, се реализираа и активности во соработка со надворешни лица. Една од тие активности беше и посетата на завршната модна ревија на СОУ „Ѓорче Петров” – Прилеп која се одржа во дворот на самото училиште. За разлика од лани, оваа година креациите кои ги носеа моделите и амбиентната музика која се слушаше за време на ревијата, ја симболизираа културата на хипи-движењето. Самиот настан имаше поразличен карактер во однос на други настани кои претходно корисниците имале прилика да ги посетат, па затоа љубопитно и со големо внимание го проследија целиот настан.
Во периодот од 10.06. до 14.06. и 19.08. до 26.08. по сопствена иницијатива ученици од ПСУ „Јахја Кемал Колeџ” реализираа ученичка пракса во дневниот центар. Преку креативни работилници се спроведоа активности и техники за подобрување на креативните и манипулативните способности кај корисниците. Според учениците, ваквата можност за директно вклучување во активностите, им помогнала да ги разбијат сопствените предрасуди и стереотипи за можностите на лицата со интелектуална попреченост.
Во духот на традицијата и негувањето на традиционалните верувања, по повод верскиот празник Иванден се одржа едукативна работилница со членовите од Здружението на пензионери на град Прилеп. Во рамки на истата се разговараше за обичаите поврзани со овој празник, а корисниците имаа можност да пробаат домашни месени кравајчина (благи посни лепчиња) кои членките ги донесоа во знак на празнување на празникот.
Во летниот период најголем број од работилниците кои се реализираа со наставничката Вера Попоска имаа за цел да ги оспособат корисниците самостојно да започнат да водат грижа за цвеќињата во дворот. Преку овој тип на активности корисниците имаа можност да засадуваат и наводнуваат цвеќиња, да користат различни земјоделски алати и да корнат трева. Ефектот од овие активности беше особено видлив за време на летните одмори, кога двајца корисници по сопствена иницијатива и желба одговорно се грижеа за цвеќињата во дворот. Во месец септември во придружба на наставничката се реализира и рекреативно пешачење до „Паркот на непобедените – Могила” со цел подобрувањње на физичката кондиција кај корисниците.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола
Социјалниот клуб на РЦПЛИП -ПОРАКА во Битола редовно ги реализираше своите активности согласно пред-видената програма за работа.
Покрај редовните активности кои предвидуваат стекнување на вештини за секојдневно живеење се реализираа и неколку интересни активности надвор од просториите на социјалниот клуб. Корисниците на социјалниот клуб ги посетија блиските маркети во кои разгледуваа и пазареа средства за одржување на домашна и лична хигиена. Потоа следеа неколку работилници на кои се разговараше за начините на употреба на средствата за хигиена, а следеа и можности за нивна практична употреба.
Се реализираа и неколку активности за подготовка на летни и освежителни напитоци и лесна храна. За таа цел, корисниците прво разговараа за тоа кои производи се потребни за овие пијалаци и оброци да се подготват, а потоа истите ги пазареа од блиските маркети. На покана на соработниците на социјалниот клуб Асоцијација за фолклор Плетенка, корисниците имаа можност да присуствуваат на нивниот годишен концерт и да се запознаат со дел од македонскиот фолклор и раскажана традиција.
Исто така, корисниците на социјалниот клуб имаа можност да присуствуваат на концертот на Камерниот оркестар – Битола „Летај, летај галебе – Младите за Кире Костов“. На концертот корисниците, покрај можноста за убаво расположение, одблиску се запознаа со младите музички ѕвезди, како и со глумците и музичарите од Камерниот оркестар.
Во рамки на проектот „Креативни, забавни работилници за поттикнување на читањето кај лица со попреченост – добри практики“ се реализираше и втората работилница во просториите на социјалниот клуб, а во соработка со НУБ „Св. Климент Охридски“. На работилницата корисниците имаа можност да се забавуваат и на хумористичен начин да ги запознаат и препознаат карактерните особини на луѓето преку читање на басни. Како резултат на соработката со Прагма продукција, организатор на концерти низ Македонија, корисниците на социјалниот клуб добија бесплатни карти за три концерти кои се одржуваа во Битола.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија
Изминатиов период во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија се реализираа повеќе когнитивно-едукативни и практични активности. Дел од активностите беа изработка на декоративни свеќи во различни бои и со различни дезени. На покана на Здружението за развој, едукација и еколошка етика ПОЛИМАТ 13 од Богданци, дел од корисниците присуствуваа на настанот Ден на астрагалусот, каде беа претставени рачните изработки од корисниците кои се продаваа за симболична сума. Дел од корисниците, исто така, имаа можност да присуствуваат на настанот „Ајде сите заедно во природа“ во организација на Фондацијата Ице Бегов и планинарското друштво Кожуф од Гевгелија.
Се реализираше планинарење по инклузивна патека приспособена за сите во должина од 2 км. По завршување на пешачењето, во планинарскиот дом беше организирана заедничка дружба. По повод патрониот празник на општина Гевгелија, дел од корисниците заедно со нивните родители, присуствуваа на вечерен концерт „Македонијо во срце те носиме“. Исто така, во средината јули дел од корисниците на социјалниот клуб и нивни родители присуствуваа на еднодневна прошетка до местото „Рајска долина“ покрај реката Вардар во општина Демир Капија. Прошетката беше поддржана со организиран транспорт од локалната ТА „Дори“ од Гевгелија.
Во јули во социјалниот клуб се започна со активности наречени „Отпадот не е ѓубре“ што ќе се реализираат во понатамошниот период. На овие активности се разговара и се учи за отпадот, селектирањето и негова повторна употреба. За таа цел, ќе се собираат пластична амбалажа и капачиња од шишиња кои ќе се предаваат на локална фирма за рециклирање на отпад. Во текот на целиот период, покрај овие активности, корисниците се релаксираат и со играње на друштвени игри.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница
Изминатиот период активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница непречено се реализираа. Акцентот на повеќето од нив беше ставен на летниот период и топлото време. Така, дел од активностите беа разговори за опасностите од дехидратација и изгореници од сонцето, како и споделување на совети и искуства за избегнување на овие опасности. Се разговараше и за опасностите од појава на пожари и начините за нивно предизвикување, и заедно со корисниците се набројуваа мерките за справување и заштита од пожари. За време на креативните работилници се изработуваа цртежи со летни мотиви. Неколку активности се посветија и на запознавање со Вселената и небесните тела. Корисниците изработуваа и модел на скафандер кои астронаутите го користат за патување во вселената. Практичните активности беа насочени кон одржување на хигиена во просторот, но и се разговараше за одржувањето на личната хигиена во летниот и топол период. Се реализираа и активности за подготовка на лесни оброци проследени со разговори за видовите на овошје и зеленчук кои виреат во летното време. Во текот на изминатиов период корисниците на социјалниот клуб редовно играа и едукативни и друштвени игри.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица
Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица непречено ги реализираше предвидените програмски активности во изминатиот период. Се реализираа низа когнитивно-едукативни работилници на кои најчесто се говореше на теми поврзани со летниот период. Се разговараше за соодветна облека во летно време, како да се чува храната во летно време и каква храна да се јаде во овој период. Се говореше и се гледаа едукативни видеа за начини на разладување на телото и просториите во кои се престојува при топло време. Се реализираа и неколку работилници на тема бонтон односно соодветно однесување во домот со најблиските, како и надвор од домот во најразлични ситуации и на различни места. Практичните активности, исто така редовно се реализираа. Секој од корисниците, согласно своите можности учествуваше и во вежби за раздвижување користејќи ги справите кои ги има во социјалниот клуб. Покрај овие, се реализираа и неколку креативни работилници на кои корисниците изработуваа рачни изработки и креираа ликовни творби на тематики поврзани со летото.
Во соработка со здружението „Говор на срцето“ се реализираа креативни работилници кои се одржуваа во Општина Босилово, а на кои се креираа рачни изработки на слободни теми. На почетокот на месец јули, корисниците на социјалниот клуб зедоа учество на првото издание на „БАЗАР ФЕСТ Босилово 2024“ на кој се претставија со свои рачни изработки. Корисниците на социјалниот клуб редовно играат и друштвени игри, и гледаат едукативни видеа на теми кои самите ги избираат.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци
Програмата за работа редовно се реализира во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци. Во изминатиот период се реализираа низа когнитивно-едукативни, практични и рекреативни активности. Дел од нив беа креативни работилници од кои дел беа ликовни на кои корисниците твореа на слободни теми со поддршка од неколку волонтери, а дел беа посветени на моделирање со пластелин и глинамол. Корисниците се покажаа како многу вредни во работилниците за одржување на хигиената во просторот на социјалниот клуб, а и во средувањето на дворот и наводнувањето на цвеќињата и дрвцата. Се реализираа и активности за одржување на личната хигиена. Дел од активностите беа и играње на друштвени игри.