Активности на РЦПЛИП - ПОРАКА

Активности на социјалните сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип редовно се реализираа во изминатиов период. Покрај редовните, се спроведоа низа интересни активности и со соработниците на дневниот центар. На 9-ти април се одржа работилница за изработка не белегзии од благородни каменчиња кои според верувањата имаат моќ да дадат позитивна енергија. Работилницата беше одржана од Мехмет Али, студент на Медицинскиот факултет при Универзитетот Гоце Делчев, отсек Стоматологија, а со поддршка од Адем Чиндаровски, професор по турски јазик и книжевност кој ја разби јазичната бариера. Мехмет Али со голема љубов и трпение го претстави своето хоби и сите заедно изработија белегзии внимателно одбирајќи ги каменчињата според потребите и желбите на корисниците. По повод Курбан Бајрам, претставници на Адиент Сеатинг – Штип беа во посета на дневниот центар и ги почестија корисниците со баклава. Тие воедно имаа можност да се запознаат со активностите кои корисниците секојдневно ги спроведуваат во дневниот центар. 

По повод Велигденските празници се реализираа низа интересни активности. И оваа година, претставници на М.Кеш – Штип ги посетија корисниците на дневниот центар и донираа скромни велигденски подароци. Истиот ден, корисниците на дневниот центар им помагаа на учениците во ООУ „Гоце Делчев“ кои по повод велигденските празници подготвија изработки и организираа базар што се одржа во кругот на училиштето. Се спроведе и работилница со Маријана Ѓелева, која на нејзина иницијатива со корисниците декорираше велигденски јајца.

На крајот од месец април, дневниот центар го посети медицинскиот персонал во ординацијата по општа медицина ПЗУ ФАМ – МЕД. Дел од корисниците имаа можност да ја проверат својата здравствена состојба во однос на шеќер во крвта и крвен притисок, а сите имаа можност пак, да чујат совети за унапредување на здравствената состојба. На 27-ми април корисниците на дневниот центар и нивните родители-старатели земаа учество на највозбудливиот настан СИТЕ ТРЧААТ ВО ШТИП, организиран од Superior Runs со поддршка од општина Штип. На трката учествуваа 1300 тркачи, голем број фирми, поддржувачи и волонтери, меѓу кои и корисниците на дневниот центар. Тие беа распоредени на четири пункта покрај тркачката патека и имаа за задача да делат освежителни пијалаци, вода, да ги мотивираат тркачите се до целта.

Корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип зедоа активно учество во културната манифестација „ОЧИ НА ШОПОВ“ организирана од средношколците при СОУ “Славчо Стојменски“. Тие во придружба од нивните родители/старатели и средношколците при ДСУ „Искра“ – Штип, а со поддршка од професори по ликовна уметност, се изразија со цртежи на тема мојот град, а по завршувањето на настанот истите беа изложени во фоајето на Домот на културата „Ацо Шопов“ – Штип. Корисниците учествуваа и на настан организиран од страна на Заедница на Хрвати Либертас – Штип по повод денот на мајката со тема: „Таму каде е твојата мајка, таму е твојот дом“. Корисничка на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип имаше емотивно излагање на тема мајка и ја презентираше арапската техника на цртање која ја има совладано во дом за деца без родители и истите беа поделени помеѓу посетителите. Во рамки на активностите во чест на 24 Мај, Ден на словенската писменост, на 21-ви мај се одржа инклузивна работилница во Народната универзитетска библиотека Гоце Делчев – Штип на која учествуваа корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип, ученици од ДСУ „Искра“ и ученици од СОУ „Славчо Стојменски“. Сите заедно преку мозаик техниката изработија паноа со кирилични букви, а истите беа изложени во фоајето на НУ – УБиблиотека „Гоце Делчев“ – Штип. На 28-ми мај во Центарот на култура „АСНОМ“ во Гостивар беше одржана изложба на дела која имаше за цел да разбива предрасуди и стереотипи,  и да ја промовира креативноста на лицата со попреченост кои имаат творечка способност. Во фоајето на установата беа поставени цртежи во арапска техника на Верче Цафовска, корисник на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип, и слики на Дарко Трајков – лице со Даунов синдром. Изложбата беше насловена „Ветување“, а организирана од НУ – УБиблиотека „Гоце Делчев“ – Штип во соработка со дневниот центар на РЦПЛИП-ПОРАКА во Штип.

На почетокот на јуни, претставници на Деа Свитс ДООЕЛ Штип, долгогодишни соработници кои секоја година на значајни денови за нив донираат нивни слатки производи, го посетија дневниот центар. Овој пат поводот беше роденденот на сопственичката на Деа Свитс ДООЕЛ Штип, која одлучила оваа година да го прослави во дневниот центар заедно со корисниците на дневниот центар. На 11-ти јуни корисниците на дневниот центар рекреираа на кејот на реката Отиња, покрај ново реконструираните паркови. Активноста се одвиваше во пријатна атмосфера и сончево време, при што корисниците уживаа во урбано средениот кеј. Прошетката претставуваше дел од редовните рекреативни и социјални активности кои имаат за цел да го поттикнат физичкото здравје, социјалната интеграција, а воедно и корисниците да ја согледаат можноста за рекреативни прошетки за време на викенд во утринските и попладневните часови.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

Во изминатиот период корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп беа доста активни и вклучени во најразлични активности. Кон крајот на месец март и почетокот на месец април, студентки од Педагошкиот факултет при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола во неколку наврати ја одржаа студентската пракса во дневниот центар каде што низ низа активности корисниците и студентките имаа можност да се запознаат и да работат заедно. Потоа следуваа активности поврзани со велигденските празници. Се одржаа доста работилници заедно со соработниците на дневниот центар. Во текот на работилниците корисниците изработуваа велигденски венчиња, велигденски украси, бојадисуваа и декорираа велигденски јајца. По повод велигденските празници, членки на Унијата на жени на ВМРО – ДПМНЕ ОК Прилеп, го посетија дневниот центар и имаа можност да се запознаат со корисниците и да слушнат за активностите кои се реализираат во оваа сервисна служба.

Наставничката Вера Попоска еднаш неделно го посетува дневниот центар и се реализираат најразлични практични активности, а со пристигнувањето на пролетта доста помага во уредување и засадување на нови цвеќиња во дворот кој го користи дневниот центар.

На почетокот на месец мај се реализираше едукативно-рекреативна посета на отворениот центар за рекреација на Прилепското езеро. Покрај прекрасниот чист воздух за дишење и сонцето кое дополнително ја зголеми енергијата, корисниците ги искористија терените за рекреација и уживаа во природата која има што да понуди во овој дел од градот. Исто така на почетокот на мај, пријателите на дневниот центар од Интеракт клуб – Прилеп по повод својот 10-ти роденден го посетија дневниот центар и со музика и забава го одбележаа овој јубилеј.

Со поддршка и организација на Интеракт клуб – Прилеп корисниците имаа можност да посетат една од најголемите фабрики во нашата земја, Витаминка – Прилеп. За време на посетата тие се запознаа со производството и процесот на правење на смоките Стоби флипс. Активностите беа збогатени и со работилницата која се одржа во просториите на дневниот центар по повод роденденот на македонската азбука со ученици од ООУ „Кире Гаврилоски Јане“, а во соработка, повторно со Интеракт Клуб. Учесниците на работилницата бескрајно се забавуваа и несебично учествуваа во претходно подготвените активности. Се вети и следна средба, но овој пат во просториите на училиштето.

Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

Во второто тромесечје од календарската година дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје продолжија со активности во кои беа вклучени постојани, но и некои нови соработници. Би започнале со повеќе од децениската соработка која е воспоставена со Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Имено, по повод 45 години од постоењето на оваа високообразовна институција, а како резултат на одличната соработка со истата, на свечена академија одржана на 3-ти април, на РЦПЛИП – ПОРАКА и беше доделена Благодарница за успешна воспоставена соработка. Во контекст на ова беа одржани и неколку работилници за изработка на мозаик заедно со корисниците и студентите од факултетот кои потоа беа изложени на завршната изложба од студентите на 30-ти мај во просториите на факултетот, локација Сули – Ан.

Воспоставена е нова соработка и со занаетчиска работилница „Народни носии“. Па така, во текот на месец март беа реализирани две работилници за корисниците од дневните центри заедно со млади занаетчии, на кои можеше практично да се види како се изработуваат/ткаат македонски народни носии и килими.

Овде ќе ја потенцираме и повторната изведба на театарската претстава „Ние луѓето“, овој пат поставена на сцената на Драмски театар – Скопје. Истата се одржа на 9-ти април, и имаше хуманитарен карактер т.е. средствата од продадените билети за претставата беа наменети за семејствата погодени во страшната трагедија која се случи во Кочани. Во претставата беа вклучени корисниците од дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, ученици од основните училишта во населба Ѓорче Петров, а во режија и сценографија на театарските работници од Центарот за изведувачки уметности и едукација Театар ПИ.

Продолжуваат и заедничките активности со дел од средните и основни училишта. Па така на 13-ти март во просториите на дневниот центар во Аеродром беше реализирана кулинарска работилница со учениците од СУГС „Лазар Танев“. На 15-ти април, по повод празникот Велигден, корисниците од дневниот центар во Капиштец реализираа работилница со учениците од СГГУГС „Здравко Цветковски“. Во рамките на одбележувањето на денот на македонските просветители Св. Кирил и Методиј, на 22-ри мај беше реализирана тематска работилница со ученици од ООУ „Љубен Лапе“, а на 30-ти април корисниците од дневниот центар во Капиштец присуствуваа на одбележување на патрониот празник на ООУ „Киро Глигоров“.

Во текот на месеците април и мај во двата дневни центри се реализираше практична работа за студенти од Факултетот за социјална работа и социјална политика. Притоа студентите заедно со социјалните работници од дневните центри практично работеа со корисниците, фокусирајќи се на одредени корисници за кои дополнително беа изработени Наод и Мислење.

Продолжуваат тековните активности за градинарење, а во зависност од обемот на работата се вклучуваат и родители на корисниците на дневните центри. Исто така продолжи и рециклирање на пластична амбалажа на вендинг машини од „Пакомак“, преку користење на мобилна апликација. Во изминатиов период преку дел од собраните средства од оваа активност беше набавен мал електричен апарат – тостер за потребите на дневниот центар во Аеродром. Покрај овие редовни активности, од месец мај корисниците од Капиштец се рекреираат на спортско игралиште во близина на дневниот центар. На иницијатива на група родители на корисниците од дневните центри, дел од корисниците заедно со своите родители патуваа со воз до Велес. Активноста се реализираше со поддршка на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД Скопје.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Активностите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш и во изминатиот период се спроведуваат согласно предвидената програма за работа. Дел од активностите се реализираа и со низа различни соработници. Така, на 11-ти март  во посета на корисниците на дневниот центар беа претставници на НВО Нова надеж кои заедно со нив  ги донесоа нивните гости, интернационални забавувачи од италијанската НВО РЕЕМ и НВО Агапи од Ресен. Целта на оваа посета беше преку игра и пантомима да се прикажат две приказни од нашето секојдневие. Корисниците учествуваа директно во овие активности преку имитирање на движења, помагање во додавање на предмети како дел од сценариото и интерактивни игри.

Во текот на месец април дел од активностите беа посветени на велигденските празници. На 16-ти април дневниот центар го посети раководниот тим на ДОО Маком Маја дисконти заедно со нивниот заштитен знак маскотата Зелена детелинка кои на корисниците им подарија прекрасни подароци. На 17-ти април во посета беа и претставници на Здружението на пензионери од општините Радовиш и Конче. За време на посетата корисниците се запознаа и со претстојните активности на гостите, а имаа можност и да ги претстават и своите следни активности. Овој период се одбележаа и родендените на двајца корисници на дневниот центар кои беа поддржани од менаџерскиот тим на рудникот Бучим со прекрасна роденденска торта и прекрасни роденденски подароци. На 6-ти мај, по повод празникот Ѓурѓовден, корисниците на дневниот центар беа поканети од семејствата на двајца корисници Коцев Ване и Николов Миле да бидат нивни гости во село Подареш бидејќи овој празник е нивна селска слава. Село Подареш е десет километри оддалечено од градот Радовиш и беше интересно место да се види посебно на овој празник кога секоја куќа е подготвена за пречек на гости. Корисниците денот го поминаа во пријатна дружба и забава. На 10-ти мај корисниците на дневниот центар заедно со вработените од Рудникот Бучим беа поканети да учествуваат во акцијата „Генералка Викенд“ која по четврти пат ја организира општина Радовиш со цел да се исчистат сите зелени површини и депонии од отпад. Со доделени маички со логото на оваа акција, заштитни ракавици и вреќи за собирање на отпад, корисниците за прв пат беа дел од оваа акција и во границите на нивните можности, а со поддршка на вработените на рудник Бучим, го дадоа својот придонес кон чиста средина и поубаво место за живеење.

На 20-ти мај, по повод Светскиот ден на пчелата, корисниците беа поканети на одбележување на овој ден од страна на пчеларското здружение Радовишка пчела  кои се нови соработници на дневниот центар. На овој настан корисниците добија основна едукација за значењето на пчелите и нивната улога за животот на планетата, во опрашување на растенијата, добивање на мед и други пчеларски производи. Потоа имаше интерактивни работилници со пчеларска опрема и на крај дегустација на мед и други природни дарови од кошницата. На овој настан учествуваа и ученици од основните училишта од градот и детската градинка.

На 22-ри мај корисниците го посетија фото студиото МИХАИЛОВ и имаа можност да се запознаат со процесот на фотографирање. Секој од корисниците имаше можност да позира пред фотоапаратот и да ја види својата фотографија на компјутер, и како истата се изработува. Сите добија по една нивна фотографија како спомен од заедничкото дружење.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија

Активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија се реализираа според предвидената програма за работа. На една од работилниците се говореше за природата, развивањето на растенијата и нивно одржување. По тој повод се засадија цвеќиња во  саксии и секој корисник во периодот што претстои треба да се грижи за своите цвеќиња. На 8-ми април беше одржана родителска средба со присуство на корисниците и нивните родители. На средбата со родителите беа разгледани Извештајот за работата на социјалниот клуб за изминатата 2024 година, Програмата за работа за 2025 година, беше разгледана досегашната соработка со дневниот центар кој што функционира под Министерството за социјална политика, демографија и млади и предлози за идна соработка. На средбата посебен осврт беше даден на информација за иницијативата на Фондација „Ице Бегов“ за почетно мапирање во општина Гевгелија со цел разгледување на потребите и можностите за отворање на мала станбена единица за лица со интелектуална попреченост. На крајот од средбата родителите имаа можност да дадат нивни предлози за понатамошно функционирање на социјалниот клуб. Дел од работилниците беа посветени на  христијанскиот празник Велигден и на нив се креираа едноставни изработки со мотиви за празникот. Се бојадисуваа и велигденски јајца заедно со претставници на маркет ЖИТО кои беа во посета на социјалниот клуб, кои на сите корисници им доделија и скромни пакети со прехранбени продукти.

На 29-ти април корисниците учествуваа во хуманитарната акција „Гевгелија во фитнес ритам“,  фитнес тренинг на отворено, организирана од ОО на Црвен крст Гевгелија за помош на наш сограѓанин со телесна попреченост.

По завршување на овој настан се продолжи со дружење во кафе бар во центарот на Гевгелија.

Со подобрувањето на временските услови, дел од активностите во социјалниот клуб се реализираа и во природа. На покана на атлетскиот клуб „7-ми Ноември“ од Гевгелија, дел од корисниците со своите блиски, земаа симболично учество на хуманитарна трка по повод Светскиот ден на пулмоналната хипертензија на 5-ти мај.  По повод Денот на победата над фашизмот 9 мај корисниците ја посетија изложбата „80 години од победата на фашизмот“ во амамот каде неколку дена беа изложени фотографии, но и неколку парчиња оружје користено во Втората светска војна од гевгелиските борци.  Се реализираше и посета на пчеларската фарма Алчинов по повод Светскиот ден на пчелата 20 мај. Корисниците на социјалниот клуб имаа можност да го посетат и апи-терапискиот центар кој функционира во рамки на пчеларската фарма. Ова е еден од ретките вакви центри во Македонија каде што со апи-инхалацијата, вдишување на пчелин воздух директно од пчелна кошница, се подобрува целата функција на респираторниот тракт, се намалуваат тешкотиите во дишењето. Една работилница во месец мај се посвети на одбележување на Светската недела на хигиената на која се говореше за важноста од редовното миење раце и одржување на лична хигиена. И во месец мај се продолжи со изработка на декоративни свеќници во различни бои и дезени што ќе бидат претставени и продавани по симболични цени на некоја следна манифестација.

Исто така се играат и друштвени игри како што се пикадо, куглање во импровизирани услови, редење сложувалки, играње карти, „Не лути се човече“.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци

Активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци непречено се реализираа во изминатиот период. Се спроведоа креативни работилници за изработка на првоаприлски маски по повод денот на шегата, и низа други на теми поврзани со поважните датуми во изминатиот период. Корисниците на социјалниот клуб редовно имаа активности за средување и одржување на дворот, а засадија и 11 лозови насади, кои понатаму самостојно ќе ги одржуваат. Се продолжи и со редовни спортско-рекреативни активности во спортската сала на средното земјоделско-шумарско училиште „Ѓорче Петров“ како и со посета на фудбалски натпревар на ГФК Тиквеш. Родителите на корисниците присуствуваа на работна средба со пратениците во Собранието на РСМ, Весна Георгиева и Зоран Јованчев, на која повторно актуелизираа одредени состојби и проблеми со кои тие секојдневно се соочуваат. Исто така, присуствуваа и на трибина насловена Од тишина до глас, на која повторно можеа да говорат за актуелните состојби поврзани со лицата со попреченост и нивните права и потреби.

Почетокот на мај корисниците го одбележаа со прошетка и пикник во село Раец, кај семејството на Трајче Стојанов, а повод беше  Први Мај, меѓународниот ден на трудот. Во текот на мај дел од корисниците на социјалниот клуб учествуваа на меѓународен турнир во фудбал во Стара Пазова, Република Србија. На турнирот се натпреваруваа фудбалски екипи од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Екипата на социјалниот клуб на РЦПЛИП -ПОРАКА во Кавадарци имаше забележителен настап.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола редовно ги реализира предвидените програмски активности во изминатиов период. Покрај овие, се реализираа и низа активности со соработниците на Социјалниот клуб,

На покана од Битолскиот Камерен оркестар, дел од корисниците учествуваа на нивниот концерт „Засекогаш во срцата“ посветен на Тоше Проески и настраданите во пожарот во Кочани. Концерт се одржа на 5-ти април во Центарот за култура – Битола.  Пред многубројната публика корисниците на социјалниот клуб заедно со Камерниот оркестар и неколку училишта од Битола, настапија во изведбата на песната „Свет за сите“ од Тоше Проески.

Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, се одржуваа работилници на кои се разговараше за традиционалните обичаи и фолклор поврзани со празникот. Корисниците изработуваа декоративни ракотворби, креативни ликовни творби и украсуваа и бојадисуваа велигденски јајца. И оваа година, веќе традиционално, корисниците на Велики четврток го посетија домот за стари лица Сју Рајдер – Битола и заедно со домаќините бојадисуваа велигденски јајца. На 21-ви април корисниците ја посетија најстарата црква во Битола, храмот Св. Димитрија и присуствуваа на велигденската литургија.

На почетокот на мај се реализираше посета на манастирот Св. Наум Охридски на која присуствуваа корисниците на социјалниот клуб и дел од нивните родители. За време на посетата, покрај манастирот, корисниците ги посетија и другите интересни места во околината и слушнаа за значењето на дел од нив. Крајот на мај го одбележа настанот „Битола низ вековите: Од европски град до пример за инклузија преку ПОРАКА“. Настанот го организираше ЦПЛИП – ПОРАКА Битола во соработка со РЦПЛИП – ПОРАКА и Општина Битола, а се одржа на 30 или 31.05. на плоштадот Магнолија. Учество зедоа ученици од ООУ „Тодор Ангелевски“, ООУ „Д-р. Трифун Пановски“ и корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола. На настанот покрај многубројните гости присуствуваше и Градоначалникот на Општина Битола, Д-р. Тони Коњановски. Во текот на настанот се изведоа песни за градот Битола, се играа стари детски игри, се изведуваа кратки дијалози поврзани за градот, се разговараше за историјата на градот. Настанот заврши со Конзулски бал, на кој учесниците и присутните заедно танцуваа со што се создаде атмосфера на вистинско заедништво.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица редовно ги реализира планираните програмски активности пропратени со низа креативни работилници и соработки со различни соработници. На почетокот на месец април дел од активностите беа насочени кон одбележување на позначајни датуми во тој период. На 2-ри април, по повод меѓународниот ден на лицата со аутизам се реализираше средба во Етно ресторан Кај Виктор, на која се разговараше и се споделуваа лични доживувања од страна на родителите и нивните деца, а поврзани со секојдневните тешкотии со кои се соочуваат овие лица. Исто така, се одбележа и 7-ми април, денот на здравјето, при што со корисниците се разговараше за грижата за сопственото здравје, и каде треба да се оди кога е потребна здравствена помош. На 8-ми април во центарот на Струмица беше спроведен и Велигденски базар кој го посетија многу случајни, но и намерни купувачи., Средствата од базарот се наменети за набавка на материјали за работа во социјалниот клуб. Се реализираа и неколку креативни работилници за изработка на велигденски декорации истовремено разговарајќи за значењето и одбележувањето на овој празник. 

Кон крајот на април, дел од корисниците на социјалниот клуб беа во посета на детската градинка Виножито и донираа боенки кои тие самите ги имаат изработено. Во мај, продолжија редовните активности во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица, но и работилниците кои ја поттикнуваат креативноста. Дел од нив беа подготовки за шиење на фустани и кошули со народни орнаменти. На овие работилници корисниците ги подготвуваа материјалите и платната од кои ќе се  изработуваат фустаните и кошулите. Исто така, корисниците на социјалниот клуб заедно со своите родители посетија пицерија во центарот на градот, при што се учеа на соодветно однесување во ресторан.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница редовно ги реализира предвидените активности согласно програмата за работа. Во текот на месец април се реализираа повеќе когнитивно – едукативни активности и практични активности со корисниците. Воедно, се реализираа и низа активности поврзани со велигденските празници т.е. се изработуваа најразлични ракотворби и украси, се бојадисуваа велигденски јајца, се раскажуваа настани и случки кои оставиле најголем впечаток кај корисниците. Се одбележа и 22 април, денот на планетата Земја, преку изработки на цртежи, разговори за важната улога на секој во негување и чување на околината и чистата животна средина.

Во текот на месец мај, меѓу останатите активности, се реализира и активности за одбележување на позначајни настани. Се одбележа месецот на психолошкото здравје на кои се разговараше на оваа тема. Низ активности се одбележа и меѓународниот ден на семејството, 15 мај, и се разговараше за важноста на семејството. Со разговори за значењето на пожарникарите, се одбележа нивниот ден на 20 мај. По повод 24 Мај, денот на Сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј, се реализираше работилница на која се разговараше за македонската азбука и се читаа и пишуваа буквите. 

Во изминатиов период, не беа заборавени и забавно-рекреативните игри кои придонесуваат за добрата психо-физичка состојба на корисниците.

Scroll to Top
Skip to content