Активности на РЦПЛИП - ПОРАКА

Активности на социјалните сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп во изминатиот период се реализираа редовно и согласно со предвидената програма. По сопствена иницијатива во дневниот центар, волонтерска практика реализираше студентка од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофски факултет во Скопје, која активно се вклучи во секојдневните активности и работилници.

Во месец јануари на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм беше промовиран едукативен календар, изработен преку размена на идеи со корисниците. Секој месец беше претставен на забавен и колоритен начин, со сликовни симболи кои ја истакнуваат креативноста и учеството на корисниците во неговата изработка. Под  мотото „Запознај ме мене и откри ја мојата сила“, во текот на месец февруари беа изработени и промовирани постери за секој корисник, со цел на интересен начин да ги претстават истите. Постерите се поставени и во просториите на дневниот центар, со намера да им помогнат на надворешните соработници полесно да се запознаат со корисниците и да воспостават подобра комуникација.

На 13-ти февруари корисниците во придружба на своите родители беа дел од настанот инклузивна матура организирана од Night to shine во Ресен. Со својата уникатност и позитивна енергија блеснаа на црвениот тепих и дополнително го разубавија настанот. Во истиот месец корисниците ја проследија и забавната програма приредена по повод патрониот празник на ООУ „Јонче Смугрески“ од село Обршани. Заедно со учениците од училиштето тие имаа можност да ја изведат песната „Мојата Македонија“ од Давид Темелков. На крајот од февруари, во соработка со Здружението „Преродба“, се одржа работилница за изработка на мартинки. Корисниците имаа можност, со користење на соодветни материјали и прибор, да се запознаат со техниката на плетење мартинки. Празникот 8 Март, беше одбележан со изработка на честитки и коверти, преку кои корисниците ја изразија својата креативност и внимание. Во текот на целиот период непречено се одвива и соработката со наставничката Вера Попоска, која активно придонесува во реализацијата на дел од активностите.

 

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш на почетокот на 2026 година  беа насочени кон одбележување на Новогодишните и Божиќните празници. На 26-ти јануари во просториите на дневниот центар, а во соработка со рудникот Бучим, се организираше инклузивна работилница посветена на садење билки, грижа за растенија и еколошка едукација. Работилницата ја водеше г-ѓа Марија Георгиевска извршен директор на Центарот за хербализам, туризам и одржлив развој БИЛКИЛАЈФ. Работилницата беше поделена на три дела. Во првиот дел корисниците имаа можност да ги почувствуваат билките преку допир, мирис. Во вториот дел, секој поединечно можеше на креативен начин да изработи рамка од свежи или сушени билки по сопствената креација и сопствен избор на билки. Исто така, во мали саксии се посадија билки во хумусна земја со предизвик на секој корисник да се грижи за таа саксија. Во третиот дел имаа можност да ги вкусат различните производи од билките, како на пример, чаеви, природни сокови од јаболка и колачи. За успешно учество на оваа работилница корисниците добија благодарници. Голема благодарност на учениците од СОУ „Коста Сусинов“ и волонтерите од Рудникот Бучим кои им помагаа на корисниците создавајќи атмосфера на вистинска интеракција, емпатија и доверба. На 30-ти јануари корисниците беа поканети од ФОТО студио Михаилов на фото сесија во новогодишен амбиент. Дружењето продолжи во новоотвореното кафуле на сок и убав муабет.

На почетокот на февруари, Евангелската црква од Велес со пасторот Филип Иванов за прв пат дојдоа во дневниот центар и донираа прехранбени производи, со ветување дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина. Донацијата од прехранбени производи ќе им овозможи на корисниците да продолжат во усвојување на практичните можности во кујна. На 10-ти февруари корисниците на дневниот центар традиционално го прославија роденденот на г-н Николајчо Николов, поранешен заменик генерален директор на рудникот Бучим. Во одлична и пријатна атмосфера корисниците беа почестени со прекрасен ручек, торта и подароци што ќе ги искористат за свои потреби. Корисниците му возвратија со мал но, скромен и уникатен подарок. На 16-ти февруари во просториите на дневниот центар се одржа работилница за изработка на осмомартовски честитки со долгогодишните пријатели Краси и Роберт Саламанови. Се работеше декупаж техника за украсување на шишиња и украсна хартија со цветови за правење на осмомартовски честитки. На 26-ти февруари се одржа креативна работилница за изработка на мартинки со волонтерите од Kлуб на млади при ОО на Црвен крст од Радовиш. Следниот ден, дел од корисниците на дневниот центар заедно со нивните родители реализираа продажба на мартинките ООУ „Никола Карев“, ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и СОУ „Коста Сусинов“ во Радовиш. Корисниците беа посебно радосни што се меѓу учениците од овие училишта и што ќе можат да го вреднуваат својот труд и да имаа средства за потребите на дневниот центар.

На 9-ти март раководниот тим на Рудникот Бучим ги изненади девојките од дневниот центар и мајките на корисниците со дарување на цвеќе, како знак на внимание по повод 8 Март, денот на жената.

 

Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

Програмските активности во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА Скопје редовно се реализираа во изминатиот период. На почетокот од годината се реализираа неколку активности во духот на Новогодишните и Божиќните празници. Традиционално, на 14-ти јануари во просториите на дневниот центар во Аеродром се одбележа Православната нова година, Василица, со кршење лепче со паричка. На овој настан присуствуваа корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП- ПОРАКА во Скопје.

На 5-ти февруари во просториите на дневниот центар во Капиштец во соработка со дневниот центар за лица со церебрална парализа беше одржана работилница за подготовка на расад од раноградинарски култури. На 13-ти февруари, во дневниот центар во Капиштец, група ученици и професионалци од СГГУГС „Здравко Цветковски“ реализираа тематска работилница по повод празниците Св. Трифун и Св. Валентин. Изработка на мартинки беше темата на работилницата одржана на 27-ми февруари во просториите на дневниот центар во Аеродром со ученици и професионалци од СУГС „Владо Тасевски“.

Меѓународниот ден на жената беше тема на работилница одржана на 4-ти март во ООУ „ Лазо Ангеловски“ на која учествуваа група корисници од дневниот центар во Аеродром. Во овој дневен центар, исто така, на 6-ти март се одржа заедничка работилница со ученици од ООУ „Александар Македонски“ на која се изработуваа плакати, честитки, цветови од восок и осмомартовски декорации во пресрет на денот на жената. На овој ден, со иста тематика, во дневниот центар во Капиштец се реализира работилница со ученици и стручни лица од ООУ „Јан Амос Коменски“. За потребите на новиот мултимедијален перформанс насловен „Физика на радоста“ на 24-ти и 26-ти февруари група корисници беа фотографирани во Домот на културата во Ѓорче Петров, заедно со актерите од театар „Пи“ од страна на професионален фотограф.

Со првите сончеви денови на 12-ти март започна новата градинарска сезона на леите во Зелена Арка „Бостание“. Група корисници и родители работеа на уредување на леите и подготовка за пролетна сеидба.

Најмалку еднаш неделно корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје учествуваа во активности за рециклирање на пластична амбалажа на вендинг машините на „Пакомак“.

 

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

Дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип непречено ги реализираше програмските активности во изминатиот период. Почетокот на годината беше одбележан со неколку посети од страна на соработници на дневниот центар. На 2-ри јануари претставници од Евангелската црква во Штип го посетија дневниот центар и доделија пакети подготвени од деца и младинци од Германија. На 5-ти јануари Академијата Еуроарт традиционално го посети дневниот центар и на корисниците им подарија скромни Божиќни подароци. Средбата имаше и едукативен карактер, при што корисниците имаа можност да слушнат за македонската традиција и фолклор. Исто така, на 5-ти јануари компанијата М КЕШ подари производи потребни за подготовка на посна трпеза по повод Василица, традиционална активност на која корисниците заеднички го кршат подготвеното лепче со паричка. На 8-ми јануари во посета на дневниот центар беше писателката Цвета Спасикова. Таа ги претстави дел од своите книги, и на корисниците им читаше и умотворби. На крајот од посетата, таа подари дел од своите книги со што ја збогати библиотеката на дневниот центар. На 6-ти јануари корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип учествуваа на Бадниковата поворка, која традиционално се организира во Штип. На Плоштадот Слобода, во центарот на градот, корисниците заедно со останатите учесници пееја и бадникови песни.

На покана на НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип, корисниците на дневниот центар учествуваа на музичкиот перформанс одржан по повод 154 години од раѓањето на Гоце Делчев, кој се одржа во просториите на библиотеката. На 24-ти февруари волонтерите од Клубот на млади при Црвен крст – Штип го посетија дневниот центар и заедно со корисниците реализираа креативна работилница за изработка на мартинки. На 27-ми февруари, во соработка со неколку сограѓанки од Штип, корисниците спроведоа креативна работилница по повод 8 Март.

На 2-ри март, по повод неделата на борба против срцеви заболувања „Здрав живот, здраво срце“, се реализираше активност во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип организирана од волонтерите од Клубот на млади при Црвен крст – Штип. Во рамките на оваа активност, корисниците имаа можност да се информираат за ризик-факторите кои придонесуваат за појава на срцеви заболувања.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

Активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола на почетокот на годината акцент дадоа на одбележувањето на верските и традиционалните празници. Во пресрет на Бадник и Божиќ, во просториите на социјалниот клуб се одржа едукативна работилница со професорот по етика Драги Анастасовски, кој на корисниците им раскажуваше за традициите поврзани со овие празници. По повод празниците, исто така, во посета на социјалниот клуб беа претставници на УЖ ВМРО-ДПМНЕ, ветерани и млади од ВМРО – ДПМНЕ, кои на корисниците им донесоа и Божиќни подароци. Сите присутни споделуваа искуства од празниците, а корисниците ги претставуваа и активностите кои се реализираат во социјалниот клуб. Во средината на јануари се одбележа и празникот Василица, а корисниците вртеа мазник со паре и разговараа за традициите поврзани со овој празник. Кон крајот на јануари во посета на социјалниот клуб беа и претставници на играорната група Етно Илинден кои ги запознаа корисниците со традиционални македонски игри и ора.  Во текот на јануари и февруари започнаа и изработките на слики на платно, кои корисниците на социјалниот клуб ќе ги наменат за поддржувачите и соработниците на оваа социјална сервисна служба.

Дел од работилниците беа наменети и за изработка на честитки и цветови од различни материјали по повод 8 Март. Во текот на февруари се реализираше интерактивна работилница за запознавање со дигитална апликација наменета за стекнување основни вештини за управување со финансии за лицата со попреченост. Оваа работилница ја водеше г-ѓа Маре Стоименова, дефектолог во ООУ „Коле Канински“ – Битола.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница продолжи со реализирање на програмските активности и во изминатиот период. Почетокот на годината го одбележаа активностите насочени кон Новогодишните и Божиќните празници, а се делеше и лепче со паричка. Исто така, се реализираа и неколку работилници поврзани со зимата како годишно време. Се разговараше за вируси и бактерии во зима, кои болести тие ги предизвикуваат и како со правилна исхрана и заштита може корисниците да се заштитат од нив. Се читаа кратки текстови за зима, и се изработуваа цртежи од различни материјали на тема зима. Корисниците го одбележаа и 21-ви јануари, меѓународниот ден на прегратката. Во текот на јануари се реализираа и неколку прошетки и активности на отворено.

По повод Св. Трифун се разговараше за грозјето како овошје полно со витамини, што сè може да се подготви од грозјето и како тоа да се подготви. Исто така се разговараше и за ферментацијата како процес што е клучен за подготовка на вино, ракија, јогурт, кисела зелка, а се реализираше и практична активност за подготовка на кисело млеко. По повод Св. Валентин се изработија најразлични цртежи на тема љубов. Во втората половина на февруари се реализираа креативни работилници за изработка на цвеќиња и украси од различни материјали по повод 8 Март. Кон крајот на февруари се реализираше и една работилница на која корисниците изработуваа мартинки. Во текот на целиот изминат период се реализираа и едукативни друштвени игри кои придонесуваат за посилни врски помеѓу корисниците.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија

Активностите на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија во новата година започнаа со присуство на Божиќен ручек во манастирот Св. Спас во Гевгелија, а на покана и организација од страна на Гевгелиско Архиерејско Намесништво. На ручекот беа поканети и присуствуваа членови на повеќе организации на лица со попреченост од општина Гевгелија. На сите присутни им беа поделени и скромни подароци по повод Новогодишните и Божиќните празници. На почетокот од месец јануари корисниците изработија и декорираа бадникови гранчиња од дабово дрво. Дел од членовите и нивните родители учествуваа на Бадниковата поворка на 6-ти јануари, најавувајќи го големиот христијански празник Христовото рождество Божиќ. По повод православната Нова година, во просториите на социјалниот клуб се организираше дружење и традиционално кршење лепче со паричка.

На неколку работилници во текот на февруари се изработуваа честитки и изработки од различни материјали, а по повод празниците Св. Валентин и 8 Март. Се користеа различни материјали како самолеплива хартија, картон, платно. На 26-ти февруари, по повод меѓународниот ден на лицата со ретки болести, 28-ми февруари, се реализираше работилница на која се разговараше на оваа тема.

Во текот на целиот изминат период се реализираа и активности за стекнување на практичните вештини, неопходни за самостојно функционирање на секој корисник. Исто така, во текот на целиот период, се реализираа и заеднички друштвени активности.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци

Во изминатиот период во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци се реализираа когнитивно – едукативни активности, практични активности, рекреативни  активности и активности со семејствата на лицата со интелектуална попреченост. На покана од свештените лица во храмот Свети Димитрија, корисниците на социјалниот клуб присуствуваа на Божиќен ручек, а празникот Василица го одбележаа со кршење на погача со паричка. Во периодот од 20-ти јануари до 25-ти јануари дел од корисниците на социјалниот клуб учествуваа во зимскиот камп во одморалиштето „Михајлово“, активност која беше финансиски покриена од градоначалникот на општина Кавадарци, г-н Митко Јанчев.

Во текот на февруари беа организирани и посети на фудбалски натпревари на ГФК Тиквеш. Во текот на целиот изминат период, корисниците имаа можност да реализираат спортско-рекреативни активности во спортската сала на средното земјоделско шумарско училиште „Ѓорче Петров“ два пати неделно.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица редовно ги реализира и спроведува планираните програмски активности пропратени со низа креативни работилници. На 9-ти јануари, на покана на сопственикот на Етно ресторанот „Кај Виктор“, корисници на социјалниот клуб и нивни родители учествуваа на трибина на која се разговараше за потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост во областа од здравството. На 13-ти јануари, во просториите на социјалниот клуб, се организираше дружење на родителите и корисниците по повод празникот Василица, се кршеше лепче со паричка, а корисниците се забавуваа пеејќи и играјќи во весела атмосфера. На 18-ти јануари, корисниците присуствуваа на концерт организиран од Фондацијата „Елеуса“ од Струмица што се одржа во просториите на општина Босилово, а на кој корисниците имаа можност да слушаат Божиќни песни.

На почетокот на месец февруари, се одржаа неколку активности на кои се говореше за грижата за здравјето во зимскиот период. Исто така, со креативни работилници се одбележаа и празниците Св. Трифун и Св. Валентин. На работилниците се изработуваа различни изработки, како и маркери/обележувачи за книги на тема љубов. На 14-ти февруари, корисниците на социјалниот клуб заедно со волонтери од Клубот на млади при Црвениот Крст – Струмица во ГТЦ „Глобал“ делеа од рачно изработените обележувачи за книги и приврзоци на минувачите. На 17-ти февруари, на покана од Библиотеката „Благој Јанков – Мучето“ во Струмица, корисниците на социјалниот клуб присуствуваа на доделувањето награди по повод конкурсот „Виното, љубовта и смислата на животот“. Корисниците ја искористија оваа можност, и на присутните им подарија обележувачи за книги кои самите ги изработија. На крајот од февруари, корисниците изработуваа изработки по повод 8 Март, како и маски за карневалот што традиционално се организира во Струмица.

Scroll to Top
Skip to content