Препораки на РЦПЛИП – ПОРАКА

Самостојно живеење и вклученост во заедницата за лицата со попреченост

Еден од најважните постулати на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост е правото на лицата со попреченост на самостоен (независен) живот, со достапни квалитетни услуги за поддршка во секојдневието, и вклучување во сите сегменти на заедницата.

Во членот 19, Конвенцијата ги обврзува државите да го овозможат правото на лицата со попреченост да живеат во заедницата:

(а) Лицата со попреченост имаат можност да го избираат своето место на живеење и каде и со кого ќе живеат, на еднаква основа со другите и не се обврзани да живеат во одредени организирани услови на живеење;

(б) Лицата со попреченост имаат пристап до широк спектар на домашни, резидентни и други сервисни служби за поддршка во заедницата, вклучувајќи лична помош која е неопходна за поддршка во секојдневното живеење и вклучување во заедницата, и да се спречи изолација или сегрегација од заедницата;

(в) Сервисните служби и капацитетите за општата популација се достапни за лицата со попреченост на еднаква основа и се соодветни на нивните потреби.

 

Овие одредби на Конвенцијата, во нашата држава започнаа да се реализираат и пред нејзината ратификација во 2011 година. Деинституционализацијата и развојот на сервисни служби во заедницата се процеси кои во државата се спроведуваат од 2000 година, а РЦПЛИП – ПОРАКА е вклучена во оваа реформа од самиот почеток, создавајќи услови за превенција од институционализација и оформување на социјални сервиси – првенствено дневни центри за возрасни лица со интелектуална попреченост..

Во 2017 година, со силна поддршка од Делегацијата на Европската унија и агенциите на ОН, деинституционализа-цијата повторно беше актуализирана како еден од приоритетите во социјалната политика и реформа, иако во последните две години се воочува застој и послаб интензитет, делумно поради ефектите на пандемијата со КОВИД-19. Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник“ 2018 – 2027 ги формулира приоритетите во амбициозен акционен план, но поради лошото искуство со спроведувањето на претходната стратегија, постои голема загриженост за имплементацијата на преодот од институционална грижа во грижа во заедницата, особено при развојот на сервисните служби за поддршка кои би овозможиле самостојно живеење на лицата со попреченост.

Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023 – 2030 година, во својата приоритетна област 4 се осврнува на самостојното живеење на лицата со попреченост, каде во четвртата посебна цел се наведува дека државата се стреми да обезбеди независен и самостоен живот на лицата со попреченост во заедницата. Оваа цел предвидува мерки за подобрување на условите и квалитетот за независен и самостоен живот во заедницата за лицата со попреченост, како што се поддршка на биолошките семејства на лицата со попреченост преку обезбедување на сервиси за поддршка во домот за семејството како и за лицето со попреченост, промоција на системот за згрижувачки семејства, поддршка на згрижувачките семејства во обезбедување на улогата згрижувач, развој и спроведување програми за семејно советување на семејствата со дете или возрасен со попреченост и родители со попреченост, унапредување на услугата за лична асистенција, како и едукација на лицата со попреченост и организациите на лица со попреченост тие да бидат даватели на услугата. Во националната стратегија, исто така, е предвидено формирање на центри за рехабилитација и хабилитација за осамостојување на лицата со попреченост, едукација и поддршка на лицата кои се деинституционализирани, за нивно интегрирање во заедницата.

 

Препораки на РЦПЛИП – ПОРАКА за унапредување на самостојното живеење и вклученоста во заедницата на лицата со интелектуална попреченост

  • Потребно е да се осигура континуитет и стабилност на спроведувањето на процесот на деинституционализација и ефективна трансформација на големите резиденцијал-ни институции преку имплементација на изработените планови за трансформација.
  • Обезбедување одржливост на постојните сервисни служби за поддршка и да се продолжи со креирање на нови сервиси за поддршка, врз основа на реална процена на потребите на лицата со попреченост.
  • Воспоставување нови видови на услуги со цел да се по-кријат празнините во понудата на сервиси на локално и/или регионално ниво: помош и нега во домот, одмена на семејна грижа, кризни центри, поддршка за лица кои имаат интензивна потреба за тоа. Личната асистенција како услуга да биде достапна и за лица со интелектуална попреченост.
  • Подобрување на квалитетот и надоградување на функцијата на постојните сервисни служби за поддршка (дневни центри, згрижување, мали групни домови и лична асистенција за лицата со попреченост).
  • Потребно е да се развијат дополнителни методологии насочени кон лицето и да се обезбеди обука за персоналот во социјалните сервисни служби.
  • Надополнување на регулаторните механизми со стандарди за квалитет, вклучително и процедури за мониторинг и евалуација.
  • Воспоставување партнерство помеѓу обезбедувачите на сервисни служби од граѓанскиот сектор и државата – еднаков третман на сите даватели на услуги.
  • Обезбедување поддршка на неформалното згрижување со цел да се спречи сместување во институции и овозможи намалување на стапката на институционализација
  • Зајакнување на децентрализацијата и улогата на единиците на локална самоуправа во реформата на системот за социјална заштита и обезбедувањето услуги во заедницата преку одржливо финансирање.

 

Scroll to Top
Skip to content