Одбележан 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Трансформативни решенија за инклузивен развој: улогата на иновациите во поттикнувањето на пристапен и правичен свет

Во организација на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, Министерството за труд и социјална политика и Националниот Совет на инвалидски организации на Македонија, а во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) се одржа свечена седница со којашто се одбележа 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Свечената седница се одржа на 2.12.2022 година во свечената сала на Владата на Република Северна Македонија со присуство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, министерот за здравство, Беким Сали, постојаната координаторка на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, директорот на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), Давид Оберхубер,  претседателот на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, Чедомир Трајковски и други чинители во областа на попреченост во нашата држава.

Премиерот во своето излагање истакна: „Драго ми е што денешното обележување го посветуваме на промоција на визијата и приоритетите на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост од идната 2023 до 2030 година. Кога инвестираме во стратегии и политики на повеќе нивоа ја докажуваме нашата борба против стигмата, против дискриминацијата и сме потсетник и инспирација за секој поединец дека лицата со попреченост ги имаат сите права како секој граѓанин и секое дете, како секој млад човек на оваа држава.

Во оваа прилика сакам да упатам јасен повик до сите министри во Владата, активно да се вклучат во понатамошната разработка на Стратегијата, односно во креирањето на акцискиот план. Воедно, повикувам активностите кои ќе произлезат оттаму, да бидат ставени високо на агендата со што ќе се осигура нивна динамична имплементација. Ако имате само стратегија без нејзина имплементација, тогаш тоа нема да даде резултати.

Лицата со попреченост, мора да бидат вклучени во одлуките што влијаат врз нив. Препораките на ОН јасно повикуваат на конструктивен дијалог со репрезентативните организации. Затоа како Влада досега повеќе пати сме покажале дека здруженијата на граѓани, невладиниот сектор се наши партнери во креирањето политики, стратегии и во носењето одлуки.

Изминативе неколку години се навистина полни предизвици. Пандемијата, економската и енергетската криза, сето тоа придонесе комплетно да ни се измени животот и функционирањето. Сите ние, без разлика кои сме и што сме и од каде доаѓаме, сите ние ги почувствувавме последиците. Но, лицата со попреченост и нивните семејства беа особено погодени.

Затоа посебно се залагав тие да не бидат изоставени од антикризните мерки. Затоа и во пакетот антикризни мерки дадовме финансиска поддршка на социјално ранливите категории граѓани каде лицата кои го користат правото за попреченост, понатаму родителите на децата со попреченост до 26 години, но и лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице добиваат финансиска поддршка од по 3.000 денари.

Почитувани присутни, Република Северна Македо-нија, ние како Влада, изминативе години сме посветени на почитување на различностите, на обезбедување еднаквост и еднакви можности, на социјална правда и вклученост на сите засегнати чинители во носењето одлуки кои ги засегаат токму нив. Силно сме посветени на општествената кохезија.

Апсолутно се стремиме кон општество кое ги почитува сите свои граѓани, кое прави напори да одговори на потребите, и да ги вклучи во сите текови на општественото живеење. Затоа и еден од нашите приоритети е да обезбедиме еднакви можности и инклузија на лицата со попреченост во нашето општество.

Ќе повторам пак, јас често кажувам дека никој нема да биде оставен сам, и тоа навистина го мислам и така и работам. Ова не е време на изобилие во оваа криза, ова е време на солидарност кога треба да им се помага на тие на кои најмногу им треба помош. Оваа држава треба да е дом за сите, треба да обезбеди услови за сите. Лицата со попреченост се наши сограѓани и имаат право на еднакви можности за развој, имаат право да бидат вклучени во сите процеси. Затоа, денес, кога го одбележуваме овој Меѓународен ден на лицата со попреченост, ве уверувам дека оваа Влада и јас лично, ќе сториме сѐ што е во наша моќ за системски да ги решаваме проблемите и заедно со вас да обезбедиме подобар стандард, подобар живот, подобро утре за сите граѓани“, потенцираше премиерот Ковачевски.

Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, на почетокот на своето обраќање истакна: „Ги остваруваме нашите заложби за едно општество за сите, за еднакви права и  можности за сите наши граѓани и повторно ја зацврстуваме вредноста на  инклузија како наша највисока цел. Со развојот на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост делуваме и докажуваме дека различностите не се нешто од што треба да се плашиме, напротив, тоа е нешто што треба да го научиме и да живееме со тоа. Различностите го зајакнуваат нашето демократско општество и треба да обезбедиме еднакви услови и еднакви шанси за сите граѓани, без исклучок“.

Таа истакна дека идејата за инклузија за Владата и Министерството за труд и социјална политика е возможна и успешна цел. Министерката посочи дека  развојот на човечкиот капитал  е клучен патоказ за обезбедување на социјалната сигурност, борба против сиромаштијата, заштита на децата и развој и унапредување на социјалните услуги.

„Водени од премисата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост „Ништо за нас, без нас”, национална стратегија се развива согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и комплементарна со  Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост“ изјави Тренчевска.

„Нашата цел е реформирање на старите и отворање нови оддели во здравствените домови за дијагностицирање и интервенции со цел од најмала возраст да се следи развојот на децата. Од 10 планирани стручни тела, досега се отворени: две во Скопје и по едно во Битола, Гостивар и Струмица, додека при крај е подготовката за нивно отворање во Штип, Охрид, Велес, Куманово и Пехчево. Досега се реализирани над 2000 процени, а паралелно почнавме и со издавање на контролните проценки“, рече министерот за здравство, Беким Сали.

Во продолжение следи излагањето на претседателот на РЦПЛИП – ПОРАКА, и претседател на НСИОМ, Чедомир Трајковски.

Годинешната тема на Обединетите нации за одбележување на 3 декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост, под наслов „Трансформативни решенија за инклузивен развој: улогата на иновациите во поттикнувањето на пристапен и правичен свет“ јасно укажува дека е потребна промена во пристапот преку кои државите, насекаде низ светот, ги третираат правата на лицата со попреченост. Живееме во услови на сложени, меѓусебно поврзани глобални кризи кои во голема мера влијаат врз животите на сите нас, вклучувајќи ги лицата со попреченост. Затоа, потребни ни се иновативни и инклузивни пристапи и решенија, со кои ќе гарантираме дека правата на лицата со попреченост се подеднакво важни и земени во предвид при креирањето и планирањето на јавните политики.

Таквите пристапи секогаш треба да бидат базирани врз соработката помеѓу носителите на одлуки и самите лица со попреченост и нивните репрезентативни организации, што е еден од основните постулати на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост (ратификувана од нашата држава во 2011 година). Само преку соработка и дијалог, ние како претставници на лицата со попреченост ќе можеме да ја исполниме нашата мисија – да укажуваме, да придонесуваме и да остваруваме подобри права за сите лица со попреченост. Поради тоа, потребно да се воспостави континуирана комуникација и соработка помеѓу Владата и организациите на лицата со попреченост, која за жал, не секогаш е на нивото кое го очекуваме.

НСИОМ со своите 7 членки – национални организации на лица со различен вид  на попреченост е вклучен во сите поважни иницијативи, при креирање на легислативата и на стратешките документи кои се однесуваат на правата на лицата со попреченост, како партнер на државата. Впрочем за тоа сме денес тука, заедно со Владата, со министерствата и со меѓународните организации, да го одбележиме Меѓународниот ден на лица со попреченост и да укажеме на нужните промени кои очекуваме да се реализираат како приоритетни акции од страна на државата.

А очекуваме многу, затоа што состојбата во која живеат децата, жените и лицата со попреченост треба итно да се подобри. Во услови на економска и енергетска криза, многу е важно да обезбедиме адекватен животен стандард за сите лица со попреченост, во согласност со член 28 од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.

Да, новите антикризни мерки кои ги донесе државата преку Законот за  финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани за справување со енергетската криза, ги вклучуваат лицата со попреченост и тоа е за поздравување. Но, сепак потребно е долгорочно системско решение, со кое ќе обезбедиме дека секое лице со попреченост ќе биде поддржано од системот на социјална заштита за да има достоинствен животен стандард. Во таа насока, неопходно е сериозна ревизија, проценување на ефикасноста на надоместоците од социјална заштита и нивно зголемување, согласно реалните трошоци за живот и трошоците кои произлегуваат од попреченост.

Во продолжение ќе ви претставам неколку приоритетни области во кои се потребни итни акции:

  • Потребна е целосна имплементација на законската рамка за спречување и заштита од дискриминација на лицата со попреченост.
  • Во однос на пристапноста, потребно е почитување, доследна примена и практична реализација на постоечката законска регулатива и на нормативите за планирање на просторот и за проектирање на објектите со што истите ќе бидат достапни за лицата со попреченост од секоја возрасна група.
  • Обезбедување на пристап до информации за сите лица со попреченост во пристапни формати: знаковен јазик, аудио формати, брајово писмо, лесно читлив и разбирлив формат за лицата со интелектуална попреченост итн.
  • Целосно спроведување на Законот за знаковен јазик , односно обезбедување на толкувачи на знаковен јазик по барање  на глувите лица и започнување на процесот на Стандардизација на македонскиот знаковен јазик, како и издвојување на потребните средства од страна на МТСП за квалитетно спроведување на процесот;
  • Основен приоритет е обезбедување на бесплатна здравствена заштита, лекување, третмани и лекови за сите лица со попреченост, без ограничување на возраста на 26 години. Кога е потребно, матичниот лекар на пациентот со попреченост да му препорачува придружник при хоспитализација во болнички услови, без ограничување на возраста со цел успешно да се оствари потребната здравствена заштита.
  • Обезбедување на пософистицирани ортопедски помагала кои ќе овозможат функционирање и вклучување на лицата со попреченост во секојдневните активности;
  • Неопходно е да се развијат услуги, програми и сервисни служби за превенција, рано откривање и дијагностицирање и рана интервенција, при воочување на нетипичен развој на новородени, но и  следење, третман и рехабилитација.
  • Потребно е да се осигура континуитет и стабилност на процесот на деинституционализација и ефективна трансформација на големите резиденцијални институции преку имплементација на изработените планови за трансформација.
  • Обезбедување одржливост на постојните сервисни служби за поддршка, унапредување на нивниот квалитет, како и креирање на нови сервиси за поддршка, врз основа на реална процена на потребите на лицата со попреченост и нивните семејства.
  • Зајакнување на децентрализацијата и улогата на единиците на локална самоуправа во реформата на системот за социјална заштита и обезбедувањето сервисни служби во местото на живеење преку одржливо финансирање.
  • Обезбедување на сите потребни материјални, финансиски, инфраструктурни, човечки ресурси за целосно споредување на позитивната законска рамка за инклузивно образование и целосно напуштање на досегашната практика на сегрегација на учениците со попреченост во сегрегирани образовни средини.
  • Доследно воведување на моделот на поддржано вработување на лицата со попреченост во новата законска рамка и постепено напуштање на моделот на заштитно вработување.
  • Воведување на квотен систем на вработување за лица со попреченост во јавната администрација и на отворениот пазар на труд, што овозможи нивно вклучување во редовните текови на општествениот живот.
  • Промена на системот за одземање и ограничување на деловната способност и воведување на системот на поддржано донесување одлуки.

Се надеваме новата Национална стратегија за правата на лица со попреченост 2023 – 2030 ќе понуди сериозни решенија за сите овие прашања и предизвици. Сметаме дека документот на новата стратегија кој денес се презентира има потенцијал да ја исполни поставената визија, затоа што целите се поставени доволно широко за да опфатат голем број на приоритетни акции. Но сепак, поучени од претходните искуства, за тоа да се случи, потребно е да се развијат конкретни, остварливи мерки и активности, базирани на реални согледувања на потребите и да се оформат решенија кои ќе бидат дизајнирани во соработка со организациите на лицата со попреченост, согласно нашето мото „Ништо за нас – без нас“.

Само така поставена стратешка рамка, пропратена со силна политичка волја, координиран меѓу-секторски пристап и обезбеден буџет за имплементација, може да доведе суштински позитивни промени во животите на лица та со попреченост во нашата држава.

Scroll to Top
Skip to content