Во партнерство со Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, волонтерот Ariel Lawson од Мировниот корпус обезбеди финансиски средства и ресурси за реализација на проект кој содржи активности за креирање и спроведување серија на обуки за родители на деца/лица со интелектуална попреченост кои се члнови на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш и ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица.
Со овој проект се обезбедуваат обуки скроени според потребите на родителите и семејствата преку кои би се вклучиле во развојот на нивните деца со интелектуална попреченост. Во рамките на овие проектни активности, родителите и другите членови на семејството, ќе учествуваат во обуки за зајакнување на емпатијата, поставување цели, вештини за самостојно живеење и АБА. Обуките ќе ги спроведуваат професионални лица.
Проектот содржи три компоненти.
1. Серија на обуки за родители: Родителите и семејствата ќе учествуваат во серија од обуки кои ќе ги водат професионални лица од областа на попреченоста, како и квалификувани волонтери од Мировниот корпус. Обуките ќе бидат во рамки на следниве шест области: зајакнување на емпатијата, поставување цели, вештини за самостојно живеење, однесувањето (поведението) како комуникација, АБА (Применета анализа на однесувањето) и прва помош при напади.
2. Сесии за практична примена: Во случаите кога обуките се со многу информации и нема доволно интерактивни елементи, ќе се применуваат сесии за практична примена на стекнатите знаења. Во овие сесии предвидено е и креирање на материјали кои биле разгледувани во претходните сесии или пак ќе се разговара за потенцијалните предизвици. Предвидени се четири практични сесии кои ќе бидат пропратен дел на следните сесии: поставување цели, вештини за самостојно живеење, однесувањето (поведението) како комуникација и АБА (Апплиед Бехавиор Аналѕсис – Применета анализа на однесувањето).
3. Индивидуални консултации (овие консултации се овозможени во текот на времетраењето на проектните активности т.е. 6 месеци): Со цел да се опфатат загриженостите кои ги искажаа родите-лите во нивните анкети, волонтерот од Мировен корпус и претставникот на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш ќе можат индивидуално да работат со заинтересираните родители. Овие консултации ќе опфаќаат практична примена на знаењата кои биле претходно стекнати за време на обуките.
Овој проект ќе им овозможи на родителите и семејствата не само да учествуваат во развојот на своето дете, туку и да ги обликуваат и применуваат поставените развојни цели. Првата работилница се одржа на 24 април 2018 година во просториите на дневниот центар – ПОРАКА Радовиш и на истата беа презентирани и разработувани прашања во однос на поставувањето цели за развој на лица со интелектуална попреченост. Претставниците на извршната канцеларија на РЦПЛИП – ПОРАКА д-р Василка Димоска и Владо Крстовски го презентираа индвивдуалниот пристап во работата со корисните на социјалните сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА.