Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш
Во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш редовно се спроведуваат сите предвидени програмски активности за развивање на вештините за самостојно живеење на корисниците. Покрај овие редовни активности, се реализираат и низа работилници и активности поврзани со значајни празници или датуми, како и активности со соработниците на дневниот центар. Божиќните празници донесоа нови пријатели на дневниот центар кои донираа финансиски средства со намена да се искористат за едукативни работилници, како и опрема која ќе помогне во усвојувањето на практичните вештини.
На почетокот на февруари, дел од корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш и Скопје беа во посета на Yahya Kemal Elementary school во Скопје. Тие имаа можност да се запознаат, но и да учествуваат во различните активности кои се спроведуваат во училиштето. И оваа година, г-дин Николајчо Николов, долгогодишниот поддржувач на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш и на дневниот центар, го прослави својот роденден заедно со корисниците на дневниот центар, на кои покрај вкусната закуска им подари и финансиски средства. Корисниците, пак, возвратија со прекрасен подарок од рачно изработено дрво во форма на срце на чии гранки во форма на срциња се напишани сите имиња на корисниците на дневниот центар. Продолжи и соработката со ООУ „Никола Карев“, па на 26-ти февруари во посета на дневниот центар беа ученици од ова училиште, заедно со директорот и дел од наставниот кадар. Поводот за посетата бил инициран од самите ученици. Тие, во договор со нивните наставници решиле собраните финансиски средства од одржаниот маскенбал да ги пренаменат за корисниците во дневниот центар. На 29-ти февруари, благодарение на одличната соработка со ООУ „Никола Карев“, корисниците на Дневниот центар заедно со нивните родители реализираа продажба на мартинки и изработки кои претходни ги изработуваа.
На мартовскиот базар кој се организираше од страна на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ и ООУ „Никола Карев“, на 1-ви март, корисниците повторно имаа можност да ги претстават своите рачни изработки и да ги продаваат за симболични суми. Собраните средства и од овој базар ќе бидат наменети за функционирањето на дневниот центар. На 4-ти март во просториите на дневниот центар за прв пат се реализираа две работилници со ученици од ООУ „Кирил и Методиј“ од с. Ораовица. Првата работилница беше изработка на осмомартовски честитки и цвеќиња. Втората работилница беше подготовка на мафини и декорирање на истите кои се дегустираа потоа како вистинско слатко задоволство. На 6-ти март се реализираше продажба на ланчиња и обетки изработени од корисниците на дневниот центар во детската градинка „Ацо Караманов“ од страна на дел од корисниците и нивните родители по повод 8 март ден на жената. Повторно, собраните средства се наменети за функционирање на дневниот центар. На 7-ми март во просториите на дневниот центар се одржа работилница со волонтерите на ОО на Црвен Крст од Радовиш по повод 8 Март, денот на жената. Волонтерите на Црвен крст им помогнаа на корисниците да изработат осмомартовски честитки за своите мајки, но и цвеќиња и честитки кои ќе ги подаруваат на случајни минувачки низ градот.
На 8-ми март во посета на дневниот центар беше раководниот тим на Рудникот Бучим, кој како општествено одговорна фирма покажа дека и на овој ден води грижа за девојките со попреченост и нивните мајки подарувајќи им прекрасни подароци како знак на внимание и стимул на сите одговорни во општеството и да бидат дел од нивната борба за еднаквост и рамноправност. Исто така на овој ден дел од корисниците на Дневниот центар имаа можност да бидат вклучени во хумана акција на волонтерите на Црвен крст да подаруваат цвеќиња на припадничките на понежниот пол низ градот како случајни минувачи или да посетат институции во кои раководните позиции ги држат токму жените.
Дневен Центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп
Програмските активности во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп во изминатиов период се реализира непречено. Покрај редовните активности за усвојување и унапредување на вештините за самостојно живеење на корисниците, се реализираа и низа активности со надворешни соработници. Па така, во месец јануари и февруари во соработка со наставничката по англиски јазик Вера Попоска се одржаа седум едукативни работилници прилагодени за повторување и учење на просториите и предметите во домот, за роднини и роднински врски и работилници за опис на физичкиот изглед. Истите беа реализирани со помош на сликовни картички и илустративни постери, а корисниците имаа можност активно да го вежбаат и збогатуваат речникот со зборови на македонски и англиски јазик. Како надополнување на овие работилници се одржа и тематска работилница за сегашно, минато и идно време кај глаголите во која беа вклучени ученици од СОУ „Ѓорче Петров”.
Во февруари, во соработка со ученици од СОУ „Ристе Ристески- Ричко” и нивните професори во просториите на дневниот центар се реализира еднодневна заедничка ликовна работилница – сликање на платно. Во текот на месец февруари во соработка со родител на корисник се одржаа и две работно – окупациони работилници на кои беа изработени две дрвени полици, кои во иднина ќе го красат просторот на дневниот центар.
Почетокот на месец март традиционално го одбележавме со плетење на мартинки, притоа оваа година активноста се реализира со помош на учениците од СОУ „Ѓорче Петров”. Во текот на истиот ден членови од здружението „Преродба” го посетија дневниот центар и на корисниците им подарија мартинки во знак на пријателство .Денот на жената осми март, беше одбележан со посета од учениците од СОУ „Ѓорче Петров” и учениците од СОУ „Ристе Ристески – Ричко” кои на корисничките им подарија цвеќиња. Во знак на почит кон жената, во текот на денот се реализира и активност за подарување рачни изработки на дел од нашите соработници.
Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје
Изминатиов период активностите во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје се реализираа согласно предвидените програмски активности. Кон крајот на месец јануари, како резултат на обновената соработката со СРЦ „Борис Трајковски“, корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје имаа можност да се рекреираат, односно да куглаат во кугланата и да лизгаат на лизгалиштето. Корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје заедно со корисниците од дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш имаа можност за заедничко дружење и работилница со учениците од ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје. Тие имаа можност да се запознаат, но и да учествуваат во различните активности кои се спроведуваат во училиштето. Соработката со ова училиште продолжи и понатаму. Група ученици учествуваа во работилница која се одржа на почетокот на март во просториите на дневниот центар во Капиштец. На работилницата сите заедно изработуваа мартинки, а корисниците имаа можност и да претстават дел од активностите кои ги реализираат во дневниот центар.
Во текот на февруари, а на покана на Министерството за труд и социјална политика, корисниците на дневните центри зедоа учество на меѓународниот кулинарски натпревар CUPI’S SPOON кој го организираше организацијата UNUO од Хрватска. Подготовките за натпреварот се реализираа под менторство на Шеф Марк Де Јонг, кој осмисли традиционални македонски рецепти, но со дополнителни несекојдневни вкусови. На 27-ми февруари во дворот на Католичката катедрала во Скопје се одржа кулинарскиот натпревар на кој учесниците од дневните центри беспрекорно ги презентираа своите рецепти.
На почетокот на месец март беше реализирана заедничка кулинарска работилница помеѓу корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје и ученици од СУГС „Лазар Танев“ во дневниот центар во Капиштец. На работилницата беше подготвена проја со додатоци и благ десерт,. На крајот од работилницата сите имаа можност да ги дегустираат подготвените рецепти.
Во текот на месец март беше реализирана и заедничка работилница со г-ѓа Линда Трајковска, професор и фотограф. На работилницата корисниците од двата дневни центри беа запознаени со терминот фотографија, како се користи фотоапарат, а дел од нив имаа можност и да фотографираат, а потоа и да ја видат фотографијата што ја направиле. Во текот на месец март се реализираа градинарски активности во Зелена Арка – Бостание, а на една од нив присуствуваше и г-ѓа Линда Трајковска која имаше можност да го види местото и да ги фотографира корисниците како работат во леата. Во текот на изминатите месеци корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје континуирано собираа и рециклираа пластични амбалажи на вендинг машини.
Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип
Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип редовно се реализираат согласно предвидените програмски активности. Покрај овие секојдневни активности се реализираа и низа креативни работилници. Дел од нив беа посветени на теми кои се однесуваа на одбележување на позначајни верски и државни празници во нашата земја. На 6-ти јануари дел од корисниците зедоа активно учество во подготовките на Бадниковата поворка која традиционално се одржува во 60 града и населени места во Републиката со цел возобновување на песните и обичаите кои се практикуваат по повод големиот Христијански празник Божиќ. На големиот ден корисниците заедно со своите родители старатели учествуваа во поворката како предводници. На 18-ти јануари, по повод празникот Богојавление, корисниците на дневниот центар го посетија храмот Св.Петка. Тие имаа можност да го слушнат преданието за овој празник од свештено лице и да се запознаат со значењето на празникот. На почетокот од месец јануари, па иницијатива на родител на долгогодишен член на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип, се договори соработка за настан кој таа ќе го спроведува по повод Светскиот ден на Даунов синдром. На настанот ќе учествуваат дел од корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип, заедно со ученици од ООУ „Гоце Делчев“. За таа цел, во просториите на дневниот центар, два пати неделно. се одржуваат подготовки за настанот.
На почетокот на месец февруари, поточно на 4-ти февруари, корисниците на дневниот центар учествуваа на мултимедијален настан организиран од НУ – УБиблиотека „Гоце Делчев“, по повод 152 години од раѓањето на Гоце Делчев. На 8-ми февруари, корисниците на дневниот центар беа на едукативна прошетка низ градот со цел да се запознаат со позначајни градби, како и културни и верски знаменитости. Ги посетија ЗОО Градината во Штип, паркот „Кртеќе“ и црквата Св.Гаврил. Во текот на месец февруари течеа и подготовките за кулинарскиот натпревар CUPI’S SPOON на кој учествуваа тројца претставници на дневниот центар. Подготовките беа под менторство на Шеф Марк Де Јонг, а на 27-ми февруари корисниците имаа можност и да ги покажат своите кулинарски вештини на овој натпревар кој се одржа во Скопје. На 8 Март се одржа креативна работилница по повод меѓународниот ден на жената со поддршка од претставнички од детските градинки „Вера Циривири – Трена“ и „Астибо“, како и од Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница
Во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница активностите редовно се реализираат според предвидената програма за работа. Во изминатиот период дел од активностите беа насочени кон разговори за значењето на Новогодишните и Божиќните празници, а се реализираа и креативни работилници на овие теми, на кои корисниците изработија интересни ракотворби. Исто така, се реализираа и работилници на кои се говореше на теми поврзани со зимата, а и за вирусите и бактериите во зимскиот период и како да се заштитиме од нив. Дел од работилниците во социјалниот клуб беа посветени и на верските празници Св.Трифун и Св.Валентин. По повод Св.Трифун се изработуваа честитки со мотиви на винова лоза и грозје, а по повод Св.Валентин се изработуваа цртежи на тема љубов. Следеа и работилници за изработка на мартинки, како и креативни работилници за изработка на цвеќиња, букети и украси од различни материјални по повод меѓународниот ден на жената. Воедно, редовно се реализираа и активностите за усвојување на когнитивни, социјални и практични вештини.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола
Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола, и во изминатиот период редовно ги реализира програмските активности. На почетокот на годината, активностите беа насочени кон одбележување на верските празници Божиќ и Василица. Дел од корисниците на социјалниот клуб учествуваа на Бадниковите поворки со свои изработени бадникови ѕвезди. По повод празниците во посета на Социјалниот клуб беа членови на УЖ ВМРО, Ветерани ВМРО, кои имаа можност директно да се запознаат со активностите на оваа сервисна служба. Се реализираа и неколку креативно-едукативни работилници на кои се креираа слики на платно со мотиви од годишните времиња. Исто така, се спроведоа и неколку работилници за изработка на хартиени цветови и честитки по повод 8 Март, денот на жената, кои корисниците ќе ги подарат на своите мајки. Со ученици од ООУ „Тодор Ангелевски“ се спроведе креативно-инклузивна работилница на која, исто така, се изработуваа украси на тема меѓународниот ден на жената. На 3.2.2024 година се одбележа и јубилејот 40 години активно делување на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола. По тој повод се реализираше и музичка работилница со Стефанија Милевска Враниќ од Анастасија центар – Битола, на која покрај музицирањето се пишуваа и пораки за недискриминација.
Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица
Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица на почетокот на јануари реализираше активности околу Божиќните празници. Во текот на јануари во посета на социјалниот клуб беа претставници на Здружението на граѓани „Самаританска торба“ кои на корисниците им подарија пригодни подароци. Исто така, социјалниот клуб го посетија и претставници од Фондацијата „Елеуса“ кои, покрај божиќните подароци за корисниците, поминаа со нив и време во дружба.
На 9-ти јануари, корисниците на социјалниот клуб, на покана на сопственикот на Етно ресторанот „Кај Виктор“ присуствуваа на третиот по ред традиционален Божиќен ручек, каде се дружеа и забавуваа со корисници и претставници на други здруженија од Струмица. На 13-ти јануари, во просториите на социјалниот клуб традиционално се организираше забава по повод Василица (Стара Нова Година) и се делеше лепче со париче. Корисниците, заедно со своите родители се забавуваа со караоке забава, играа ора и пееја песни во празнична Божиќна атмосфера.
На почетокот на февруари се спроведоа неколку креативни работилници по повод празниците Св.Трифун и Св. Валентин. Во текот на работилниците се изработуваа најразлични декоративни предмети со мотиви на винова лоза и љубовта.
Исто така, се спроведоа и неколку работилници на кои се изработуваа карневалски маски по повод Струмичкиот карневал кој секоја година традиционално се организира во деновите околу верскиот празник Прочка. Кон крајот на февруари и почетокот на март се спроведоа и работилници за изработка на 8-мо мартовски честитки, како и најразлични други декорации и изработки по повод 8 март.