РЦПЛИП – ПОРАКА години наназад организира и одржува работилници на кои се разгледуваат и дискутираат изготвените SWOT анализи на локалните организации. SWOT анализата е структуриран метод за планирање на идните стратегии на организацијата, а воедно е мошне корисна и за проценување на актуелната состојба внатре во организацијата, со сите нејзини предности и слаби страни, но и можностите и заканите кои доаѓаат од опкружувањето во кое таа организација делува. Оваа алатка, доколку реално и објективно се изготви, ќе користи за изнаоѓање на начини и модуси за подобрување и надминување на слабите страни на организацијата со цел уште поефективно да делува во својата област. Исто така, претставува солидна основа за подготвување на реални и ефективни акциони планови на организацијата, како и на повеќегодишни стратешки планови.
Оваа година, РЦПЛИП – ПОРАКА одржа работилница за разгледување на SWOT анализите и тековното оперативно работење на локалните организации. На овие работилници им претходеа состаноци на управните одбори во проширен состав на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА на кои се дискутирало за актуелните состојби во самите организации, и врз основа на донесените заклучоци се изготвиле и SWOT анализите.
Работилницата која ја спроведе РЦПЛИП – ПОРАКА се одржа во периодот 3 – 5 ноември 2023 година во хотел Романтик, Велес на која учествуваа по двајца претставници од локалните организации.
Првиот дел од работилницата беше целосно посветен на разгледување на SWOT анализите од локалните организации. Секој од учесниците имаше можност да ја презентира изготвената SWOT анализа и да ги прикаже реалните состојби во организацијата и во општината со кои таа се соочува, но истовремено и тешкотиите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во нивното опкружување. Понатаму, учесниците ги презентираа и активностите кои во моментот се актуелни во нивните организации, како и активностите кои планираат да ги преземат во наредниот период, а водат кон унапредување на квалитетот на живеење за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, но и останатите учесници, по завршувањето на секоја презентација даваа забелешки и совети во однос на работењето на секоја од локалните организации, притоа истакнувајќи ги и позитивните примери на успешно работење. Она што како сублимат произлезе од анализата на работењето на секоја организација беше дека треба да се размислува за заземање на поинаков пристап во осмислувањето и реализирањето на активностите. Потребно е да се изнаоѓаат нови видови на активности со цел да се унапреди соработката како со локалните власти, така и со останатите чинители во општината.
Последниот ден беше искористен за презентација на реализираните проектни активности во рамките на проектот „Интерткултурно учење за сите“. Претставниците на РЦПЛИП – ПОРАКА и едукаторите во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА ги споделија своите искуства и впечатоци при реализацијата на работилниците во рамки на проектот, како и знаењата со кои се стекнаа корисниците на дневните центри. Темите кои се опфатија во рамките на овие работилници и понатаму ќе продолжат да се разработуваат и продлабочуваат во секојдневната работа на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА. Во текот на последниот ден се презентираа и измените во Законот за здравствено осигурување, како и последните новини поврзани со процесот на изготвување на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023 – 2030.
Работилницата за SWOT анализи и оперативно работење има за цел консолидирање и унапредување на активностите и делувањето на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА. Тоа е од особено значење во градењето и одржувањето на партнерските односи со локалните власти, како би можеле активно да придонесуваат за унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во местото на живеење и подобрувањето на квалитетот на нивното живеење.