Европската комисија неодамна публикуваше три сеопфатни каталози и прирачници за поддршка на можностите за вработување на лицата со попреченост. Овие ресурси се надополнување на првиот сет издаден во 2022 година, кој претставува водич за јавните сервисни служби за вработување и како тие можат да го промовираат учеството на лицата со попреченост на пазарот на трудот.
Овие материјали обезбедуваат потребно насочување за имплементација на позитивни акции, борба против стереотипи, осигурување на разумно прилагодување на работното место и справување со хронични болести. Сите овие иницијативи се дел од Пакетот за вработување на лица со попреченост, иницијатива на ЕУ – дел од Стратегијата на ЕУ за правата од областа на попреченоста 2021 – 2030 – за подобрување на пазарот на труд за лицата со попреченост.
Публикацијата на овие материјали доаѓа во вистинско време за да потсетиме и да се заложиме за што побрзо донесување на новиот закон за вработување на лицата со попреченост, кој започна да се изготвува во 2021 година. Основни приоритети за лицата со интелектуална попреченост се воведување на квотен систем и професионална рехабилитација, подобрени можности за вработување на отворениот пазар на труд и воведување на моделот на поддржано вработување.
Ставот на РЦПЛИП – ПОРАКА останува непроменет во изминатите години и се залага за промовирањето на моделот на поддржано вработување на отворениот пазар на трудот. Тоа не значи дека заштитните трговски друштва треба да исчезнат, туку дека постои потреба од промена во визијата и мисијата на сите носители на акции што се вклучени во процесот на вработување на лицата со интелектуална попреченост.
Оваа промена, до одреден степен, ќе треба да се случи и во однос на заштитните трговски друштва, кои не треба да го сочинуваат автоматскиот и единствен избор за вработување на лицата со попреченост, туку треба да нудат можности за развој и за нови квалификации. Во таа смисла, заштитните трговски друштва можат да се искористат за подготовка на лицата со интелектуална попреченост и нивно трансферирање на отворениот пазар на трудот. Од посебна важност е при вработувањето на лицата со интелектуална попреченост, без разлика на моделот (заштитно трговско друштво или вработување во јавниот или приватниот сектор) да се внимава средината, работните задачи и поддршката кои се на располагање да се соодветни на нивните потреби и аспирации.
Поради тоа, треба да се користат различни техники за индивидуален пристап со што ќе се овозможи соодветно вработување во согласност со капацитетот и можностите на лицето со интелектуална попреченост.
Препораки:
- Доследно воведување на моделот на поддржано вработување на лицата со интелектуална попреченост во новата законска рамка и постепено напуштање на моделот на заштитно вработување.
- Воведување на квотен систем на вработување за лица со интелектуална попреченост во јавната администрација и на отворениот пазар на труд, со што ќе се овозможи вклучување во редовните текови на општествениот живот.
- Преземање мерки за намалување на злоупотребите на лицата со интелектуална попреченост на работното место. Анализите на РЦПЛИП – ПОРАКА посочуваат дека вработените лица со интелектуална попреченост честопати се жртви на дискриминација, вознемирување, предрасуди и навредувачки однос на работното место.
- Преземање мерки за откривање и санкционирање на фиктивно вработување. Постојат случаи кога на иницијатива на работодавачот лицата со интелектуална попреченост склучуваат договори за вработување, но не започнуваат со работа, а за тоа добиваат мала сума пари. Од друга страна, работодавачот ги користи бенефитите согласно Законот за вработување на инвалидни лица, што претставува класичен пример на злоупотреба.
- Зајакнување на механизмот за следење и контрола на односот на работодавачот кон вработените лица со интелектуална попреченост, како исклучително важно за ефективно остварување на правото на вработување.