Активности на РЦПЛИП - ПОРАКА

Соработка на РЦПЛИП – ПОРАКА со високообразовните институции

Соработката со Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет – Скопје продолжува успешно да се реализира и во изминатиов период. Студенти од оваа високообразовна институција реализираа практична настава во рамките на предметот „Социјална работа со лица со попреченост“ во сервисните служби на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Тие имаа можност директно да се запознаат со работата на социјалниот работник во сервисна служба за лица со интелектуална попреченост. Исто така, студентите имаа можност да се запознаат со правата на лицата со интелектуална попреченост во рамките на системот на социјалната заштита, но и директно да соработуваат со корисниците и за дел од нив да изработат наод и мислење, со поддршка од социјалните работници во дневните центри.

Во изминатиов период продолжи и соработката со Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола, студенти од студиската програма Социјална и рехабилитациска педагогија редовно ја реализираат својата практична настава. Тие активно се вклучуваат во работата на социјалниот клуб и учествуваат во работата со корисниците.

Исто така, две студентки од Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола реализираа пракса во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп.

Scroll to Top
Skip to content