Активности на РЦПЛИП - ПОРАКА

Активности на социјалните сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Активностите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш изминатиот период се реализираа согласно предвидената програма за работа. Покрај редовните активности, се спроведоа и низа активности и работилници кои произлегуваат од воспоставената соработка на дневниот центар со останати чинители.

Во рамки на проектот „Интеркултурно учење на сите“ кој РЦПЛИП – ПОРАКА го спроведува заедно со партнерските организации „На пола пат“ и СУМЕРО во изминатиот период од страна на сите дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА заеднички се спроведоа и останатите теми од овој проект. Во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш се одржаа работилници на темите: култура, религија и обичаи, народни носии и народни ора. Во текот на овие работилници корисниците се запознаа со овие поими, разговараа за тоа што сè се подразбира под култура на еден народ. Се говореше за различните видови на религии, празниците и како тие се прославуваат во различните религии, а исто така се разговараше и за народните ора и носии на трите земји (Македонија, Србија и Босна и Херцеговина). Исто така се реализираа и работилниците од темата ненасилна комуникација. Се реализираа работилници за комуникација, при што корисниците се запознаа со различните видови на комуникација и нивните елементи. Потоа се разговараше и за емоциите и нивно препознавање, како справување со различните видови на емоции, а воедно, корисниците имаа можност и да вежбаат за јавен настап. 

 Кон крајот на месец јуни заедно со волонтерите од ОО на Црвен крст во Радовиш и кандидати од програмата за лични асистенти преку Црвениот крст, корисниците имаа можност да реализираат спортско-рекреативни активности во природа и да го почувствуваат натпреварувачкиот дух.

Изминатиот период продолжија да се спроведуваат и работилниците и вежбите за драмата „Малата сирена“ заедно со учениците од СОУ „Коста Сусинов“. Во текот на овие работилници, дел од корисниците на дневниот центар го учеа текстот за претставата, но и започнаа со работа на сценските движења и кореографија. На почетокот на септември, во соработка со родителите на корисниците на дневниот центар, се реализираше практична активност во која корисниците учеа како се сукаат кори (јуфки).

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

Дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип редовно ги реализира своите предвидени активности. Дел од нив се и работилниците во рамките на проектот „Интеркултурно учење за сите“. Во рамки на работилниците за култура, традиција и обичаи корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип беа во посета на Кадин Ана Џамија и црквата Свети Никола и директно слушнаа од свештените лица за традициите и обичаите во православната и исламската вероисповед. Во рамките на работилниците за ненасилна комуникација, и тие како и останатите корисници од другите дневни центри ги обработија темите за комуникација, емоции и нивно препознавање, и вежбаа јавен настап.

Во средината на месец јуни, корисниците ја посетија фабриката за производство на амбалажа – пластични шишиња „Варади ДОО“ – Штип. Тие имаа можност во самиот производен погон на фабриката да го видат и да слушнат за процесот на производство на пластичната амбалажа. По повод светскиот ден на музиката на 21.06.2023 година корисниците присуствуваа на целовечерниот концерт на Градскиот хор – Штип.

Изминатиов период продолжи и соработката со фитнес инструкторот од b.fit во Штип. Корисниците на дневниот центар ја посетија фитнес теретаната City Gym во Штип каде со поддршка на тренер од оваа теретана, а во присуство и на фитнес инструктор од b.fit тие имаа можност да ги разгледаат и да се запознаат со справите за вежбање, но и да искусат малку поинаков тренинг. Исто така, на почетокот на септември месец, во дворот на дневниот центар, b.fit организираше и спроведе фитнес тренинг со корисниците.

Непречено тече и соработката со ООУ „Гоце Делчев“. На покана на директорот на ова училиште, на 30.08.2023 година корисниците учествуваа во уредувањето на училишниот хол за прием на првачињата и сите останати ученици. На почетокот на септември, во посета на дневниот центар беше Цветанка Панова која се занимава со изработка на слатки и кондиторски производи, па пријатно ги изненади корисниците со дел од нејзиниот асортиман на слатки. На 06.09.2023 година, дел од членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип присуствуваа на настанот организиран од општина Штип „Македонијо во срце те носиме.“

Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

Изминатиов период активностите во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје се реализираа согласно предвидените програмски активности. Во рамки на проектот „Интеркултурно учење за сите“, беа реализирани повеќе работилници кои произлегоа од соработката на РЦПЛИП – ПОРАКА, организацијата „На пола пат“ од Србија и „СУМЕРО“ од Босна и Херцеговина. Во месец јуни и во двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје се реализираа работилници на темите за култура, религија, обичаи, традиција и народни ора и носии, а се изработија и разгледници со мотиви и природни убавини од трите земји. Во јули беше реализиран серијалот работилници на темата за ненасилна комуникација. Како дел од работилниците од проектот, на крајот од август и почетокот на септември, во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Аеродром заедно со корисниците и персоналот беа реализирани работилници за подготовка на оброк по дадени чекори каде се подготвуваа традиционални македонски јадења според лесно дадени упатства. Продолжија и работилниците во соработка со „Театар Пи“, на кои се работи на новиот мултимедијален проект работен според романот „Ние, врапчињата“ од писателот Јордан Радичков.

Во соработка со организацијата „Зелената Арка“ од месец септември корисниците на дневните центри се дел и директни учесници во проектот „Развој на прва урбана градина во Град Скопје“. Преку обработка на земјата дадена е можност, дел од јавната површина да се претвори во градина, корисниците да научат како се градинари и компостира, како се садат градинарски култури и произведува здрава храна. Целта за заедничкото градинарење е самите учесници преку практична обука од страна на стручен кадар од оваа област, споделувајќи искуства и одговорности меѓу себе, да се подигнат на повисоко ниво знаењата и вештините на корисниците, да се влијае на нивната социјализација преку размена на информации, дружење и зближување, развивање на чувство на припадност и зголемување на самодовербата. Во месец септември два пати во неделата се организираше градинарење во „Бостание“ со корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Во леата беше искорнат плевелот и извадени корењата, раскопана и израмнета земјата, очистени и разубавени патеките околу леата, се посеа првиот расад со марули и спанаќ, а беше направен и прв обид за сеење на магдонос и рукола во самата леа. Хортикултурната терапија навистина би можела да биде една оддишка од секојдневната градска бркотница.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

Покрај редовните активности кои се реализираат во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп, изминатиов период се одржа серијал од работилници на темите за  култура, традиција, обичаи и за ненасилна комуникација. Во спроведување на истите беа вклучени ученици од СОУ „Ѓорче Петров” – Прилеп и здружението за хуманитарна и социјална акција „Преродба”, кое се посети со цел корисниците директно да го видат и почувствуваат духот на македонската традиција кој го негува ова здружение со години наназад.

Од месец јули во дневниот центар започна да се реализира нова практика, т.е., секој петок корисниците со помош одржуваат хигиена на дневниот центар, тоалетот и рачно да си ги перат своите крпи. Оваа активност ги исполни очекуваните резултати и истата ќе продолжи да се практикува и во иднина. Изминатиов период се реализираше едукативна посета на градскиот базен „Маркови Кули”. За време на активноста корисниците имаа можност да стекнуваат основни знаења за одредување локација, безбедно движење на места каде нема означено пешачка патека и безбедно и културно однесување на базен. Уште една интересна активност за корисниците беше и стекнувањето на вештини за користење на вендинг апаратите. Поточно, тие имаа можност да се обидат да ги користат вендинг апаратите за кафе. Истовремено, со оваа активност имаа можност и да прошетаат во блиската околина, но и да ги практикуваат вештините за ориентација во простор и движењето низ градот.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

Социјалниот клуб на РЦПЛИЛ – ПОРАКА во Струмица и во изминатиот период активно ги спроведуваше сите планирани когнитивни, практични и социјални активности, паралелно пропратени и со креативни работилници кои корисниците ги спроведуваат со голем интерес. Во јули корисниците спроведуваа практични и социјални вештини од доменот на пазарење на продукти од пазар и од маркет, повторување и усовршување на веќе постоечките вештини за манипулација со книжни банкноти и железни монети, при наплата на каса во маркет или на пазар. Се реализираа активности за редовно одржување на личната хигиена во лето, облека соодветна за во лето и каква храна и пијалаци треба да се подготвуваат и консумираат во летниот период. На 02.07.2023 година корисниците заедно со родителите и волонтерите реализираа еднодневна посета на манастирот „Св.Георги“ во  с.Ораовица во Радовиш.

Во август се продолжи со реализација на летните активности и креативни работилници, а се реализираа и неколку активности планирани во новиот проект „Пријателски места на попреченоста во заедницата“ финансиски подржан од  Општина Струмица.

И во септември се спроведуваа тековните планирани активности за развој на когнитивни, практични и социјални вештини од областа на стекнување и развивање на постоечките умеења, знаења и вештини за активности во кујна: подготовка на полесни оброци, десерти, салати, пијалаци, потребни продукти за готвење, потребен прибор за готвење, пребарување на рецепти од списанија, гледање на едукативни видеа од компјутерите и други активности пропратени со креативни работилници. На 17.09.2023 година корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица  заедно со своите родители и волонтери реализираа еднодневна екскурзија до манастирот „Марков манастир“ во с.Маркова Сушица во Скопје. Двете еднодневни екскурзии кои беа реализирани во летниот период беа финансиски покриени од Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, од донираните парични средства по повод дочекот на Нова година на корисниците на клубот, како и од финансиски донации од спонзорот Месната кланица „Василеви“ од с.Ангелци.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

Активностите на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница редовно се спроведуваа според предвидената програма за работа. Покрај активностите за стекнување на когнитивни, социјални и практични вештини, се реализираа и неколку креативни работилници на тема лето. Овие работилници, воедно, претставуваа можност корисниците да стекнат знаења и за начините на исхрана и облекување во текот на летниот период. Се организираа и друштвени игри преку кои корисниците стекнуваа вештини за тимска работа и создавање на посилни врски помеѓу корисниците. Составен дел од активностите се и средби со родителите на корисниците и нивно вклучување во активностите на социјалниот клуб.

 Во јуни се реализираше посета на социјалниот клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА во Македонска Каменица. Корисниците на двата социјални клуба креираа и твореа во текот на заедничка работилница, но го искористија и убавото време за прошетка ни Македонска Каменица и околината.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија

Непречено се реализираа програмските активности и во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија. Во месец јуни во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија беа реализирани низа активности, а дел од активностите се реализираа во природа и со подолг временски период. Активностите започнаа со одбележување на јубилејот на РЦПЛИП – ПОРАКА, па за таа цел корисниците на социјалниот клуб изработија постер, се зборуваше што значи јубилеј, колку години постои и како може да се одбележи.

Беа реализирани и креативни и практични активности, т.е., боење на гипсени фигури со пролетни мотиви, и се подготвуваше кафе и чај. Корисниците на социјалниот клуб беа поканети и учествуваа на еднодневна дружба со планинарското друштво „Кожуф“ и фондацијата „Ице Бегов“ во планинарскиот дом на планината Кожуф кој се наоѓа во месноста на старо Коњско. Корисниците на социјалниот клуб успешно ја изодеа 7 километарската патека, а при пристигнувањето до целта на сите им беа доделени медали, по што следуваше ручек подготвен таму. Еднаш во месецот се реализираат друштвени игри, во кои сите корисници земаат учество. Ваквите активности ги релаксираат корисниците, ги тераат да соработуваат и совладуваат нови вештини. Исто така, се реализираше и посета на Негорски Бањи, место кое изобилува со зеленило и терени за спортски активности, а секако тука се и термалните води. Првично се зборуваше што се тоа термални води, зошто служат, потоа се играа различни спортски игри.

Во месец август активностите започнаа со прослава на роденден на еден од корисниците. Целта на оваа активност, меѓу другото, беше да се разговара и да се покаже како корисниците можат да се вклучат и да помогнат во организирање на семејните прослави во своите домови. Исто така се спроведоа и неколку креативни работилници, на кои покрај развивањето на креативните способности, корисниците имаа можност да ја унапредуваат и својата фина моторика. Убавото време се искористи и за прошетка до блискиот парк, а прошетката се искористи да се разговара за природните процеси и промените во природата, но и за забава преку друштвените игри во кои учат да почитуваат ред и контрола на трпението.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

Активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола редовно се спроведуваат согласно предвидената програма за работа. Покрај активностите во кои корисниците се стекнуваат со когнитивни, социјални и практични вештини, се реализираа и креативни работилници, на кои корисниците изработуваа разни ракотворби од глина, изработуваа накит, како и салфети во декупаж техника. Во дворот на социјалниот клуб редовно се реализираат и спортско рекреативни активности. Се реализираше и посета на Музејот во Битола, каде корисниците имаа можност да се запознаат со историјата и богатото културно наследство на нашата земја. Оваа активност продолжи и со лесна прошетка до Зоолошката градина во Битола. Корисниците на социјалниот клуб имаа можност да се развеселат и да поминат убава и релаксирана вечер на концертот на познатиот пејач Ацо Пејовиќ.

Во текот на јули се спроведе дводневна посета на манастирот Св.Петар и Павле кој се наоѓа високо во шумите на планината Бигла, над с.Смилево. Оваа посета беше интересно доживување за корисниците, исполнето со низа активности. Се наводнуваа цвеќињата и тревата во дворот на манастирот, се правеа прошетки во околината и се собираше планински чај. Беше организирана и креативна работилница на која се твореше на теми инспирирани од манастирот. Не се заборавија ниту практичните вештини за одржување на хигиената, па така корисниците ги исчистија собите во кои престојуваа, како пред така и по заминувањето. Исто така, се посети и Музејот на илинденците, споменикот и куќата на Даме Груев во Смилево. 

ЦПЛИП – ПОРАКА Велес

Изминатиов период членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес одржаа низа работилници со членовите на МДПС „Премиера“ – Велес кои се на возраст од 11 до 18 години. На работилниците членовите на младинското драмско студио се запознаа со различните видови на попречености и нивните карактеристики. Се запознаа со начинот на однесување, начинот на живот и вклучувањето во општествената заедница на овие лица. Посебен осврт беше даден на видовите на насилство со кои овие лица секојдневно се соочуваат, како ги доживуваат и како сето тоа влијае на нивниот социоемоционален развој и квалитетот на живот.

Како финален производ од работилниците беше создавањето на сценарио за претстава во која ќе бидат опфатени сите попречености и видовите на насилство (булинг) кои секојдневно се случуваат во училишните клупи. Сценариото е со потпис на проф. Анита Станинова – Мирчева, а актери во претставата се членовите на Младинското драмско студио „Премиера“ – Велес. На карактеристиките и градењето на ликовите со попреченост со членовите интензивно работеше специјален едукатор и рехабилитатор, Весна Басаров, претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес.

Претставата со наслов „Тивки жртви“, премиерно беше изведена на 07.06.2023г. на малата сцена во велешкиот театар НУЦК „Ј.Х.К. Џинот“. На огромно задоволство на сите вклучени, претставата наиде на многу позитивни критики. Токму поради тоа, на иницијатива на Градоначалникот на Општина Велес, а со поддршка на Ротари и Лајонс клубовите од Велес, претставата повторно ќе биде на репертоарот на НУЦК „Ј.Х.К. Џинот“- Велес во втората половина на октомври и ќе биде задолжителна за сите ученици од 5 до 9 одделение од основните училишта од Општина Велес.

Scroll to Top
Skip to content