Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во соработка со здружението „На пола пат“ од Србија и СУМЕРО од Босна и Херцеговина започнаа со спроведување на проект со наслов „Интеркултурно учење за сите“ во јануари 2023 година. Проектот се заснова на долгогодишното искуство на трите партнер организации во областа на социјална инклузија, развој на вештини за лица со интелектуална попреченост во однос на окупациона терапија, креативност, вештини за само-застапување, интеркултурно учење и толеранција. Главната цел на проектот предвидува активно учество на лица со интелектуална попреченост како само-застапници кои ги надминуваат стереотипите, предрасудите и бариерите преку интеркултурно учење и придонесуваат за добрососедските односи во регионот и социјалната и културната соработка. Воедно со проектот се предвидува да се даде придонес за регионалната соработка преку вклучување на лица со интелектуална попреченост во интеркултурен дијалог, промовирање на нивната интеграција, воспоставување на врски помеѓу луѓето воопшто.
Предизвиците кои се опфатија во проектот „Интеркултурно учење за сите“ се однесуваа на недостигот на можности за лицата со интелектуална попреченост да земат активно учество во интеркултурниот дијалог, добрососедските односи и поврзаноста со врсниците од другите земји. Социјалната инклузија на лицата со интелектуална попреченост иако е високо промовирана во агендите на сите земји од Западен Балкан, во реалноста недостасува нејзината имплементација. Поради интелектуалната попреченост, оваа група на лица е дополнително ранлива, дури и во рамките на маргинализираната група на лица со попреченост, што пак придонесува за продлабочувањето на нивната исклученост од редовните текови во општеството.
Токму затоа имплементацијата на проектните активности придонесе за подобро разбирање и прифаќање на различноста помеѓу лицата со интелектуална попреченост од различни етнички и културни позадини, како и на персоналот кој работи во сервисни служби за лица со попреченост и нивните корисници. Истовремено, овозможи добар пример на соработка и почит за различноста, од гледна точка на самите лица со попреченост, како активисти и како модел за интеркултурно учење.
Изминатиов период редовно се реализираа предвидените проектни активности. Особен акцент беше даден на реализација на тематски работилници. Едукаторите и корисниците во сите дневни центри на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА активно беа вклучени во спроведување на работилниците на кои се обработуваа теми од областа на културата, традицијата и обичаите, како и теми од областа на ненасилна комуникација и јавен настап.
Работилниците од областа на културата, обичаите, традицијата беа прилично динамични и интересни за корисниците на дневните центри. На работилниците се говореше за културите на трите земји, нивните културни богатства, за сличностите и разликите во културите на овие народи. Се презентираа низа обичаи и различни традиции од македонскиот, српскиот и босанскиот народ.
Корисниците имаа можност да се запознаат со различните празници во православната и муслиманската вероисповед, како и со различните обичаи во нашите три земји. Една од работилниците беше посветена и на природните убавини и богатства на секоја од трите земји, а корисниците изработија и разгледници презентирајќи ги убавините на Македонија. На сличен начин се реализираа и работилниците посветени на ненасилната комуникација. На овие работилници корисниците имаа можност да се запознаат со клучните елементи на комуникацијата и видовите на комуникација. Понатаму, начините на разбирањето на емоции, особено лутината и како таа влијае на нас. На работилниците за јавниот настап, се разговараше за неговите елементи, како да се подготвуваме за јавен настап, а корисниците имаа можност да вежбаат јавно говорење пред другите корисници како публика.
Исто така, во изминатиот период се реализираа и низа кулинарски работилници. Корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА имаа можност да се запознаат со традиционалните јадења од трите земји, да поразговараат за сличностите и разликите во кујните и јадењата на Србија, Босна и Херцеговина и нашата земја.
Времетраењето на имплементацијата на проектот беше од јануари до крајот на септември 2023 година. За крај на проектот беа предвидени три завршни настани кои секоја од трите организации, учеснички во проектот, требаше да ги реализира во своите земји.
РЦПЛИП – ПОРАКА го организираше завршниот настан на проектот „Интеркултурно учење за сите“ на 27-ми септември 2023 година во Јавна соба, Скопје. На настанот учествуваа корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА со своите едукатори. Во текот на завршниот настан корисниците имаа можност да го презентираат стекнатото искуство од проектните активности. Преку однапред подготвени видео материјали од претходно одржаните работилници, презентации, како и останати материјали кои ги користеле во работилниците во своите дневни центри, корисниците имаа можност да го претстават сработеното во изминативе месеци. Тие говореа на темите кои беа опфатени на работилници што се реализираа во изминатиот период, и тоа: дискриминација, предрасуди и стереотипи за лицата со интелектуална попреченост, култура и обичаи, и ненасилна комуникација, а ги покажаа и своите кулинарски способности и вештини.
Дел од корисниците, пак, имаа можност да го претстават и наученото за време на кулинарските работилници. Тие со поддршка на еден од едукаторите подготвија сутлијаш, кој сите заедно на крајот од настанот имаа можност да го дегустираат.
Во текот на завршниот настан се презентираше и видео материјал во кој се говори за постигнатите цели во рамките на проектот, а лицата со интелектуална попреченост од Србија, Босна и Херцеговина и нашата земја, кои зедоа активно учество во активностите, говорат за своите впечатоци од реализацијата на проектните активности. Се презентираше и прирачникот за културите, дискриминацијата и ненасилната комуникација кој е наменет за водители на работилници од ваков тип и воедно ќе послужи да се прошират проектните активности и за други корисници. Прирачникот е достапен за преземање на македонски и албански.
Овој настан претставува и дел од активностите со кои се одбележува јубилејот – 60 години активно делување на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.
Проектот „Интеркултурно учење за сите“ финансиски е поддржан од Фондот за Западен Балкан (WBF), со поддршка на Европската унија, во рамките на Повикот за поднесување регионални проекти „Поддршка за промоција на регионални активности на граѓанското општество“.