Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА

Активности на социјалните сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

 

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш редовно се реализираа во изминатиот период. Кон крајот на март за прв пат се реализираше соработка со камп „Божилак“, граѓанска иницијатива која дава поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства. При посетата се реализираа интерактивни работилници на кои корисниците преку музика, игра и изработка на сувенири ја испратија пораката дека се важен дел од заедницата, дека имаат таленти и способности и дека заслужуваат еднакви можности и почит за нивната различност. Посебно значајна беше и средбата со родителите на која тие имаа можност да ги споделат своите животни искуства, предизвици, но и успеси во грижата за своите деца. Родителите уште еднаш ја искажаа важноста на дневниот центар како сервисна служба која обезбедува поддршка и можности за напредок на нивните деца.

На почетокот на април се реализираа неколку активности поврзани со Велигденските празници. На 9-ти април, корисниците на дневниот центар ги израдуваа претставници од ДОО Маком Маја дисконти, заедно со препознатливата маскота Зелената детелинка и г-н Олег Бојаџиев кои донесоа велигденски подароци. На 15-ти април во дневниот центар дојдоа претставници на здружението „Хоуп“ и донираа прехранбени производи собрани со поддршка на хумани граѓани и компании од општина Радовиш. Донацијата ќе биде искористена во практичните активности што се спроведуваат во дневниот центар. Исто така, корисниците добија и вредносни ваучери за лични потреби. Кон крајот на април се реализираа и две интересни активности. Едната од нив беше работна еколошка акција за уредување на дворното место и подготовка за садење цвеќиња. Млади волонтери од различни земји здружени во организацијата „Млади со мисија“ заедно со корисниците од дневниот центар го средуваа дворот, собираа ѓубре, копаа и косеа трева. На 24-ти април, пак, дневниот центар го посетија волонтери од Шведска, кои заедно со корисниците садеа цвеќиња во дворот.

На почетокот на мај, поточно 6-ти мај, на покана на семејствата на два корисници во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш кои живеат во с.Подареш, сите корисници и нивните родители беа нивни гости по повод верскиот празник Ѓурѓовден, кој е празник на целото село. Посетата беше можност да се ужива во убавините и да се запознае секојдневието на живеење во село.

 

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

 

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп во изминатиот период се реализираа редовно и согласно со предвидената програма. Во неколку наврати студенти од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет во Скопје, реализира студентска практика во дневниот центар и активно беа вклучи во активности и работилници.

По повод празнувањето на големиот Христијански празник Велигден, во дневниот центар се реализираа различни активности за изработка на декоративни украси, храна и традиционално вапцување велигденски јајца. На првиот петок по Велигден кој е посветен на страдањето на Исус Христос, а кај народот познат како Голем Петок направивме посета на  манастирот св.Арахангел Михаил. Манастирот е сместен во најстарата прилепска населба Варош, а локалните жители од оваа населба празникот Голем Петок го празнуваат како куќна слава. Во средина на месец април, корисниците беа почесни гости на 24-тата регионална ревија на традиционални песни, ора и игри организирана од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија. На 29–ти април по повод 1 Мај, Денот на трудот, се реализираше едукативен и рекреативен пикник на вештачкото езеро во Прилеп. Корисниците имаа задача самостојно да изберат продукти до одредена сума и да донесат дополнителни реквизити потребни за пикник.

Во текот на месеците април и мај во неколку наврати се реализираа активности за обработка и подготовка на почва за садење цвеќиња со расејување семе и засадување со корен. Паралелно со овие активности, започнаа и активностите за наводнување на растенијата, корнење трева и активности за одржување на дворното место. По повод роденденот на наставничката Вера Попоска која е долгогодишна соработничка на дневниот центар, реализиравме активност за купување роденденски подарок, а на 14-ти мај во пријатна атмосфера во локален бар го прославивме роденденот.

 

Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

 

Дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје продолжуваат да ги реализираат програмските активности во изминатиов период. Кон крајот на месец март, корисниците од дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во населбата Капиштец присуствуваа на заедничка работилница со студенти од студиите по скулптура и трансмедиумски практики при Факултетот за ликовна уметност во Скопје, каде што изработуваа првоаприлски маски од комбинирани материјали и техники. Корисниците од истиот дневен центар беа присутни на патронатот на ООУ „Јан Амос Коменски“ и со истото училиште имаа заеднички активности во Општествената градина „Бостание“. На работилницата беше присутно и одговорно лице од градината кој преку кратко предавање го објасни концептот за органска урбана градина.

Почетокот на април го одбележаа активности по повод Велигденските празници. На 7-ми април во просториите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Капиштец беше одржана работилница со ученици од ООУ „Киро Глигоров“ при што се изработуваа велигденски декорации, додека на 9-ти април во просториите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Аеродром се одржа заедничка работилница со ученици од СУГС „Браќа Миладиновци“ на која се вапцаа велигденски јајца и се изработуваа велигденски декорации.

На 7-ми април, по повод Светскиот ден на здравјето, корисниците од дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Аеродром реализираа прошетка покрај кејот на реката Вардар. Група корисници од овој дневен центар на 22-ри април, по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, го посетија штандот на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ на улица Македонија.

Во текот на овие месеци активностите во општествената градина „Бостание“ продолжија со група од корисници од двата дневни центри и родители кои ја започнаа пролетната сеидба и одржувањето на леите. На почетокот на мај во „Бостание“ беа организирани и заеднички работно-окупациони активности со корисниците од дневниот центар за церебрална парализа и корисниците и едукаторите од дневниот центар во Kапиштец. На 8-ми мај, на покана на ООУ „Љубен Лапе“, корисниците од дневниот центар во општина Аеродром се вклучија во акцијата „Генералка викенд“ за собирање отпад во училишниот двор, додека на 15-ти мај дел од корисниците на овој дневен центар учествуваа на работилница во просториите на ООУ „Александар Македонски“ по повод Меѓународниот ден на семејството каде што изработуваа семејно стебло.

На почетокот на јуни, корисниците на двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје имаа можност да го посетат средното ветеринарно училиште СУГС „Браќа Миладиновци“, каде што имаа можност да се запознаат со нивната ботаничка градина и мини зоолошка градина.

Најмалку еднаш неделно корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје учествуваа во рециклирање на пластична амбалажа на вендинг машините на „Пакомак“.

Од втората половина на месец март до почетокот на месец јуни оваа година, корисниците на двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје беа вклучени во низа активности со долгогодишните соработници од Центарот за изведувачки уметности и едукација „Театар Пи“. Активностите може да се поделат во два дела, односно креативни музички работилници во кои беа вклучени нивни надворешни соработници и членови на Музичката младина на Македонија, со цел подготовка за музички перформанс кој се одржа на 4-ти април година во просториите на Центарот за култура во Ѓорче Петров. Другиот тип на работилници, односно актерски проби, беа за потребите на новата театарска претстава наречена „Физика на радоста“, чија премиера се одржа на 9-ти јуни, исто така, во Центарот за култура во Ѓорче Петров.

 

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

 

Дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип изминатиов период реализираше низа активности согласно својата програма за работа. Кон крајот на март во посета на дневниот центар беа членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица и заедно со корисниците одржаа работилница по повод денот на пролетта, а исто така подготвија и едноставен оброк. На 25-ти март се реализираше првата работилница на која преку заедничко зелено застапување за заштита на животната средина, корисниците на дневниот центар заедно со учениците од ООУ „Ванчо Прке“, а со помош на едукаторите и наставниците изработија ветерници кои ќе бидат поставени на летниковец, а ќе бидат изложени во СОУ „Димитар Мирасчиев“.

Месец април започна со активности по повод велигденските празници. На 8-ми април со соработка со Adient Seating Shtip, традиционално се реализираше заедничка работилница на која се украсуваа велигденски јајца. На 8-ми и 9-ти април се одржаа работилници и со ученици од четврто одделение при ООУ „Гоце Делчев“ на кои се изработуваа восочни фигури кои потоа беа подарени на ученици од истото училиште. На 22-ти април, по повод денот на планетата Земја, во СОУ „Димитар Мирасчиев“ се реализираше активност на која учествуваа и корисниците на дневниот центар. Преку лични изработки, секој учесник даде свој придонес во уредувањето и украсувањето на мини парк под мотото „Можам јас, можеш ти, можеме заедно за здрава животна средина“. Истиот ден, во рамки на попладневната програма на МТВ 1, беше емитуван прилог посветен на работата и активностите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип. Темата на емисијата беше фокусирана на значењето на социјалната инклузија, при што беше истакната улогата на дневниот центар во подобрувањето на квалитетот на живеење на корисниците и нивната интеграција во заедницата. На 26-ти април се одржа трка во организација на Superior Global Services со поддршка од општина Штип. Традиционално и оваа година корисниците со поддршка од нивните родители/старатели зедоа учество како волонтери и поддржувачи.

На почетокот на месец мај се реализираше еднодневна екскуризија за време на која се посетија знаменитости во Радовиш, се реализираа слободни активности во Дојран, а се посети и Мега шопинг паркот во Гевгелија. Екскурзијата беше организирана и поддржана од Заедницата на инвалидски организации – Штип, каде ЦПЛИП – ПОРАКА Штип е една од организациите членки. Во рамки на проектот ЦКА – ПХВ „Силна Порака“ се донираше телевизор за потребите на дневниот центар. Донацијата е обезбедена преку настани организирани околу денот на пролетта, на кои беа изложени украси претходно изработени на заеднички работилници. Како резултат на долгогодишната соработка со м-р Васка Здравкова од Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“, дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип е вклучен во научен труд на тема: „Корективните игри како фактор за подобрување на благосостојбата, менталното здравје и чувството на припадност кај лица со интелектуална попреченост“.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

 

Изминатиов период активностите со социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола редовно се реализираа. Во текот на април месец, во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола се реализираа бројни активности насочени кон развојот, креативното изразување и социјалната вклученост на корисниците. Преку креативни и работно-окупациони работилници, корисниците имаа можност да ја развиваат фината моторика, концентрацијата, работните навики и чувството на одговорност, но и да ја изразат својата креативност преку цртање, боење и изработка на ракотворби.

Посебно внимание беше посветено на одбележувањето на најголемиот христијански празник Велигден. Во празнична атмосфера се одржаа повеќе тематски работилници, на кои корисниците изработуваа декоративни велигденски украси, ликовни творби и традиционално вапцаа велигденски јајца. Во рамки на празничните активности, корисниците присуствуваа и на велигденска литургија во храмот „Св. Богородица“ – најстарата црква во Битола.

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола активно се вклучи и во културниот живот на градот. Во соработка со НУ Центарот за култура – Битола, корисниците изработија 13 слики на платно, кои беа подарени на учесниците на Интернационалниот фестивал на монодрама „Огледало на вистината. Ова претставуваше значајно признание и посебна чест за корисниците, кои преку својата креативност добија можност активно да бидат дел од еден значаен културен настан. Дел од нив присуствуваа и на претставата за затворање на фестивалот, што дополнително придонесе за зајакнување на чувството на припадност и активно учество во заедницата.

Преку различни музички работилници реализирано во текот на мај, корисниците имаа можност да слушаат, учат и запишуваат македонски народни и забавни песни. Паралелно со музичките активности, се реализираа и работилници за читање и пишување. Работилниците придонесоа за одржување на стекнатите знаења, поттикнување на интересот за учење и зајакнување на самодовербата кај секој корисник.

Во текот на мај се реализираше и еднодневна екскурзија во Охрид, организирана во рамките на активностите за социјална инклузија. Корисниците го посетија археолошкиот локалитет Плаошник, каде се запознаа со дел од богатото културно и историско наследство на градот. Со големо внимание ги следеа информациите и покажаа искрен интерес за значењето на локалитетот и неговата улога во македонската историја. Посетата на манастирскиот комплекс Свети Наум беше исполнета со пријатна атмосфера, дружење и заеднички активности.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

 

Активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница редовно се реализираа во изминатиов период. Во текот на месец април беа реализирани повеќе когнитивно-едукативни, практични и социјални активности со лицата со интелектуална попреченост. Во пресрет на велигденските празници се одржаа разговори за значењето на празниците, традициите и обичаите, а беа реализирани и повеќе креативни работилници во соработка со ученици од СОУ „Ванчо Прќе“, кои воедно се и волонтери во младинската организација на Црвен крст Виница.

Корисниците изработуваа цртежи со велигденски мотиви, ракотворби, украси и кошници за велигденски јајца, а со голем интерес учествуваа и во варење и вапцањето на велигденски јајца.

Во празнична атмосфера се реализираа и забавни активности, како усно броење на јајца и избор на најцврсто велигденско јајце, а во соработка со волонтерите од Црвен крст беше организиран Велигденски базар, на кој беа изложени изработките создадени на креативните работилници.

Во текот на месецот беше одбележан и 22 Април – Денот на планетата Земја. Преку разговори и креативни активности корисниците ја истакнаа важноста на грижата за животната средина и улогата на секој поединец во зачувувањето на природата. Беа изработени и цртежи со мотиви од планетата Земја. Посебен акцент беше ставен и на активностите за одржување лична хигиена, како и на разговорите за значењето на хигиената за здравјето. Корисниците раскажуваа за секојдневни настани, празнични прослави и интересни моменти што оставиле впечаток кај нив, со што се поттикнуваше комуникацијата и социјалната интеракција.

И во месец мај продолжија предвидените програмски активности. Се реализираа неколку работилници за одбележување на месецот на психолошкото здравје. Преку разговори и интерактивни активности корисниците разговараа за чувствата, меѓусебното почитување и начинот на кој сакаат другите да се однесуваат кон нив. Се говореше и на теми поврзани со навредите, повредените чувства и начините на справување со непријатни ситуации. Во текот на мај се одбележаа и неколку значајни датуми. Преку разговор и креативна работилница се одбележа 15-ти мај, Меѓународен ден на семејството. По повод денот на пожарникарите, корисниците на социјалниот клуб се запознаа во улогата на пожарникарите, како и со правилното однесување во случај на пожар. Се одбележа и денот на Сесловенските просветители, Свети Кирил и Методиј на која се изработуваа буквите од азбуката.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија

 

Активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија изминатиов период се реализираа согласно предвидените програмските активности. Месец април започна со одбележување на Денот на шегата, а во соработка со волонтерите од Клубот на млади при Црвен крст Гевгелија беа изработени првоаприлски маски.

На 4-ти април корисниците присуствуваа на хуманитарната изложба на ретро предмети во уметничката галерија „Амам“, организирана од младите волонтери вклучени во програмата на Црвениот крст, ЦКА-ПХВ. Дел од средствата собрани од продажба на влезниците беа наменети за потребите на социјалниот клуб.

Во пресрет на Велигден беа реализирани повеќе тематски работилници за изработка на украси и декорации, а на 9-ти април во Пионерскиот дом во Гевгелија, се одржа хуманитарна велигденска работилница на која заедно со волонтери од Црвениот крст во Гевгелија корисниците вапцаа велигденски јајца, изработуваа корпи и уживаа во дружењето. Исто така во соработка со Црвениот крст, на 25-ти април се спроведе хуманитарен базар на кој се продаваа подготвени закуски по симболични цени. Собраните средства ќе бидат искористени за набавка на материјали за работа во социјалниот клуб.

Во текот на месец мај, се одржаа работилници на различни теми. На 5-ти мај беше одбележан денот на Македонската азбука, при што корисниците ги изработија буквите од своите имиња. Пролетта беше инспирација за низа креативни работилници на кои корисниците ги изразуваа своите ликовни и творечки способности користејќи најразлични материјали, а убавото пролетно време се искористи и за прошетка до Негорски Бањи.

Дел од корисниците на социјалниот клуб присуствуваа на настан по повод Светскиот ден на пчелата, организиран од Пчеларската фарма „Алчинов“, под покровителство на општина Гевгелија. Настанот се одржа на плоштадот во Гевгелија со богата културно-уметничка програма и можност за дружење и едукација. Како резултат на успешната соработка со Клубот на млади при ОО Црвен Крст во Гевгелија, ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија доби донација од мебел, хигиенски средства и канцелариски материјали, кои ќе придонесат за подобро функционирање на социјалниот клуб.

Активностите за стекнување вештини за самостојно живеење се реализираат континуирано, како и друштвени игри кои придонесуваат за социјализација и дружење.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци

 

Активностите на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци непречено се реализираа во изминатиот период. Се реализираа низа креативни работилници по повод велигденските празници на кои се изработуваа различни украси и се вапцаа велигденски јајца.

Продолжија да се реализираат и практичните активности. Се реализираа активности за одржување на личната хигиена, одржување на хигиена во просторот на социјалниот клуб, но и надвор во дворот. Исто така се реализираше и еднодневна посета до струмичкото село Ново Село. За време на посетата се посетија и селото Мокриево и Мокриевските водопади, Колешинските водопади и манастирот Св. Антониј.

Редовно продолжија да се реализираат и спортските активности во спортската сала на средното земјоделско-шумарско училиште „Ѓорче Петров“. Корисниците на социјалниот клуб, исто така, имаа можност да присуствуваат и на спортски натпревари на ГФК Тиквеш и РК Тиквеш.

Во месец мај се спроведоа и низа креативни работилници со кои се одбележаа значајни датуми во овој месец. Корисниците имаа можност да ги изразат своите уметнички способности и да направат интересни рачни изработки. Не беа изоставени ниту редовните практични активности. Корисниците на социјалниот клуб реализираа активности за одржување на лична хигиена, како и активности за одржување на хигиената во просториите на социјалниот клуб и дворното место.

Во текот на мај, дел од корисниците на социјалниот клуб зедоа учество на меѓународен турнир во Стара Пазова, Република Србија, заедно со спортскиот клуб „Карпошово“ на кој ги претставија своите спортски способности и натпреварувачки дух. Исто така, дел од корисниците имаа можност да учествуваат и на активности по повод одбележувањето на фудбалската недела организирана од Специјална Олимпијада.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

 

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА Во Струмица редовно ги реализираше програмските активности во изминатиов период. По повод 2-ри април, Меѓународниот ден за поддршка на лицата со аутизам, а во организација на етно ресторанот „Кај Виктор“ се реализираше креативна работилница на која покрај корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица, учествуваа и членови на здружението „Говор на срцето“ и вработени и ученици од ОУРЦ „Св. Климент Охридски“.

Се реализираа и низа активностите за одбележување на велигденските празници и се спроведоа работилници за изработка на велигденски ракотворби и украси кои потоа беа изложени на Велигденскиот Базар што се одржа на 4-ти април на плоштадот во Струмица. На 5-ти април, по повод Лазарова сабота, корисниците и нивните родители беа во посета на селото Раборци. Заедно со членовите на здружението „Говор на срцето“ имаа можност да се дружат, да научат лазарски песни и да плетат венчиња од врба.

На 7-ми април, се реализираше креативна работилница во етно ресторанот „Кај Виктор“ на која корисниците на социјалниот клуб, заедно со останатите учесници вапцаа велигденски јајца. По повод 22-ри април, Денот на планетата Земја, се реализираше едукативна работилница на која се говореше за заштита на нашата планета, односно како да ја заштитуваат и чуваат природата.

Во текот на месец мај, покрај редовните активности, се реализираа и низа креативни работилници, како и прошетки низ градот и посети на институции и настани. На 12-ти мај корисниците на социјалниот клуб реализираа рекреативна прошетка низ градскиот парк, а дружбата ја продолжија во едно од кафулињата во градот.

На 26-ти мај, се реализираше едукативна посета на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица. Во текот на посетата, корисниците имаа можност да ги разгледаат поставките во Музејот, но и да слушнат за културното наследство на градот Струмица и околината. На последниот ден од месец мај, корисниците учествуваа на манифестацијата Вељушка црешијада 2026 во село Вељуса, каде има можност да ги претстават своите ракотворби.

Scroll to Top
Skip to content