Одбележување на јубилеј 50 години активно делување на РЦПЛИП-ПОРАКА

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА е граѓанска, родителска, национална непрофитна инвалидска организација која ги застапува правата и интересите на повеќе од 20.000 лица со интелектуална попреченост во Република Македонија. Оформена е во 1963 година како Сојуз на друштва за помош на ментално ретардирани лица во Македонија, и во текот на годините гради мрежа на локални организации низ целата држава. Денес, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА обединува 20 локални организации низ целата држава.

Во изминатите 50 години, РЦПЛИП – ПОРАКА, како матична организација на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија, е носител на бројни иницијативи чија цел е создавање на општество во кое сите лица со интелектуална попреченост и нивните семејства ќе имаат достоинствен живот. Како мрежа од локални организации низ целата држава, водена од посветени професионалци и родители на лица со интелектуална попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА придонесува во креирањето на сите позначајни закони, политики и програми во Република Македонија кои се однесуваат на човековите права на лицата со интелектуална попреченост и нивното остварување на национално и на локално ниво. Големиот број на успешно реализирани редовни програмски задачи, посебни програми, проекти и оформени сервисни служби, говорат за делувањето и функционирањето на РЦПЛИП – ПОРАКА како важен чинител во процесот на изедначување на можностите на лицата со интелектуална попреченост.

Развојниот пат на РЦПЛИП – ПОРАКА од половина век е секако нешто што е достојно за почит. Поради тоа, во 2013 година РЦПЛИП – ПОРАКА преземa активности со кои соодветно се одбележува овој голем јубилеј. Целта на овие активности е да се афирмира потенцијалот на лицата со интелектуална попреченост, нивните права и потреби.

РЦПЛИП – ПОРАКА со поддршка од Н.Е. Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија, на 14.10.2013 година со почеток во 10:00 часот, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност – Скопје, организираше настан за одбележување на 50-те години активно делување.

На настанот, д-р Василка Димоска, програмски менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА го промовираше Извештајот за истражувањето на состојбите во однос на имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост: „Правата на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија“. Исто така, д-р Димоска го презентираше Прирачникот за правата на пациентите со фокус на лица со интелектуална попреченост.
Потоа, следуваа обраќања на г-дин Чедомир Трајковски, Претседател на РЦПЛИП – ПОРАКА и г-дин Диме Спасов, Министер за труд и социјална политика, и завршно обраќање од страна на Н.Е. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија.

Во продолжение, присутните има можност да ја видат изложбата на ракотворби изработени од лица со интелектуална попреченост.

Обраќање на Министерот за труд и социјална политика, г. Диме Спасов
Oбраќање на г-дин Чедомир Трајковски, Претседател на РЦПЛИП – ПОРАКА
Oбраќање на Н.Е. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија

Scroll to Top
Skip to content